ЦЕНТАРОТ ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ „МАЈКА ТЕРЕЗА“ ВО ГЕВГЕЛИЈА СЛАВИ ПЕТ ГОДИНИ РАБОТА.

Веќе петта година во градот на југот од Македонија, Гевгелија, работи Образовниот центар за лица со попреченост „Мајка Тереза“. Со голема љубов, внимание и емпатија овој центар го раководи отец Димитар Ташев, заедно со 16 вработени, а кој во последните 17 години со своето семејство живее и работи како свешеник во католичката парохија „Св. Петар и Павле” во Гевгелија.Тој е претседател на Здружение на граѓани Национална Алијанса за лица со посебни потреби Гевгелија-Центар Мајка Тереза.
Ова е приказна за отец Димитар, за неговата сопруга Зорка, за нивниот син Ѓорѓи, кој е роден со Даунов синдром, за тоа како успеал да го оствари својот сон, да создаде Центар кој не само што ќе ги згрижува децата, туку и ќе ги едуцира, ќе ги учи да совладуваат различни вештини и ќе ги подготвува како може најбезболно да се спротивстават на животните предизвици и да се вклучат, барем поголемиот дел од нив во одредени работни процеси.
 
Го прашавме на почетокот на разговорот за весникот Вечер, од каде идејата да се отвори ваков еден Центар?
 
Кога ни се роди Ѓорги не седев со скрстени раце, сакав да направам за моето дете и за таквите како него едно убаво место каде ќе поминуваат поголем дел од своето време. Со други родители се среќававме и секој си ги кажуваше своите маки. Од прво, тие, родителите се срамеа да признаат дека имаат дете со попреченост, па затоа и денес не е познато колкава е бројката на овие деца во Македонија.А, ги има многу.
 
Во Гевгелија имаме државен дневен центар, но тоа за мене не беше доволно. Иако ние соработуваме со нив, јас сепак сметав дека треба да имаме поинтересна програма која ќе биде корисна за децата. Многу е важно на овие деца да им биде исполнето времето и нешто да работат, да создаваат. Тој сон, почна да ми се остварува некаде 2015 година, кога се појави мигрантската криза. Преку ” Македонски Каритас“.бевме вклучени во давањето помош на овие напатени мигранти. Тие беа Италијани, а бидејќи јас студирав теологија во Италија, кога ме прашуваа како би можеле тие нам да ни помогнат, јас им велев дека најпрво ни треба простор каде ќе ги сместиме лицата со попреченост? За кратко време тие обезбедија пари од Италијанската бискупска конференција и полека мојот сон стануваше стварност. Купивме простор каде денес функционира Центарот и почнавме да го уредуваме. Можам да кажам, ако ако човек има некоја идеја, и Господ и сите сили на светот ќе направат тој сон да му се оствари.Уредивме центар кој годинава прослави пет години од постоењето и е најдсовремен центар не само во Македонија туку и на Блаканот. Почнавме со 20 деца, а денес ги имаме 75, и уште неколку кои чекаат да бидат згрижени..
Отец Димитар, по што се разликува овој Центар од другите слични вакви Центри во Македонија
Пред се, по начинот на работа со децата, која дозволува на секое дете да му се посвети соодветно внимание. Во Центарот имаме вкупно 16 вработени, дефектолози, едукатори, логопеди , физиотерапевти, помошни лица. Работното време е од 8 до 16 часот. Системот на работа кај помалите деца е 45 минути за секое дете поединечно, децата се поделени во групи од 6 до 10 деца.
 
Пред две години, благодарејќи на помошта на Општина Гевгелија, ни беше отстапен простор кој го претворивме во работилница, каде 12 повозразсни лица учат разни вештини, изработуваат предмети кои потоа ги продаваме а вклучивме и готвење. Оплеменивме градина со разновидни овошки и зеленчуци, направивме и мини зоолошка градина, во која имаме разни животни, кои делуваат смирувачки на децата копга тие се вознемирени.
Внесовме со вториот проект, снузинг, или смирувачка соба со светлосни ефекти, кои имаат терапевтско дејство врз децата, а според Монтесори методата на децата им се дава да завршат сами одредена задача со реквизите кои ги стимулираат да научат математички вештини како и да ги учат буквите.
 
Колку сте задоволни од помошта која ја пружа локалната заедница, државата?
 
Задоволен сум од соработката со локалната самоуправа, иако секогаш може да биде подобро. Центарот во моментот има два објекта. Општината ни го даде едниот објект на користење на десет години. Она што сакам да го потенцирам е дека ние, во Центарот размислуваме, а тоа треба и државата и општината да го размислува, што понатаму со тие деца. Има деца што се способни. Ние не бараме за нивсожалување, но сакаме да им се даде можност да работат. Имаме такви деца што можат да работат нешто – вели отец Димитар.
Помошта пак,која ја даваат поединци и фирми, треба да биде континуирана, бидејќи имаме вработени, па така создадовме солидарен фонд во кој ние учествуваме со 70 проценти а родителите со 30 проценти.Целта ни е да ги натераме институциите да започнат да размислуваат што кога овие деца ќе пораснат, дали ќе можат да се вработат или да се запишат на факултет. Најмалиот член кој го посетува Центарот има 1,5 години а највозрасниот 30 години. Гевгелија мислам дека предничи и како општина и како центар во едукација и згрижување на лицата со попреченост. Треба и во иднина сите заедно, општината, фирмите, поединците, сите ние да се вложиме повеќе во Центарот, затоа што само од нас зависи дали ќе го сочуваме како таков.
 
Што би им порачале на родителите на децата кои го посетуваат вашиот Центар?
 
Апелирам до родителите да работат со своите деца и кога се дома, а не само кога ги носат кај нас, зошто многу е битен тој триаголник-родител, дете, вопитувач. Доколку се остави само воспитувачот да работи со детето, а родителот „нема време“, верувајте не сме постигнале ништо. Сакам да им кажам дека веќе се наоѓаме предаплицирање на нашиот трет проект, кој ќе трае од 2023 до 2026 година. Отец Ташев објаснува дека многу родители со деца со посебни потреби не знаат што да прават кога ќе заврши основното образование, кога децата растат, затоа што во Македонија не постои систем на едукација соодветна за нивната возраст и капацитет.
 
Дали сеуште постои стигматизирање во државата во поглед на овие деца?
 
Иако има одредено поместување во разбирањето на потребите на овие наши деца често овие лица се осудувани, исклучени и ограничени во секојдневието. Потценувани се нивните способности и со тоа ги повредуваме нивните чуства, го повредуваме нивните живот, не знаејќи дека понекогаш тие можат многу повеќе од нас.
Забораваме дека тие постојат за да не’ спасат од секојдневните нечистотии, од суровиот свет во кој живееме. Тие се овде да ни ја покажат вистинската патека по која треба да се движиме. Доволно е да погледнеме во нивните лица, во нивната неизмерна насмевка и тогаш ќе сфатиме дека овие лица се дар за нас, за нашата среќа, прават се за да не направат среќни и да ни ги стоплат срцата во овој за жал еден ладен свет. Нивните души се скапоцени, и тие не знаат за тоа што е омраза, гнев туку тие знаат да даруваат само љубов, добрина, мир меѓу луѓето.
Без разлика дали овие лица имаат интелектуална или физичка попреченост, моторни нарушувања, Даунов синдром, Аутизам, глувост,слепило тие се бистрата и чиста капка во огромниот измешан океан. Тие се капката полна со чистота, јасност, љубов, среќа, добрина, топлина и најважно тие се дар од Бога.
Тие не бараат многу од нас, за нив е доволно да ги прифатиме со вистинска љубов, да ги сакаме и да се грижиме за нив. Ним им е доволно да им подариме една искрена насмевка и една топла прегратка, а тие ќе ни возвратаат сто пати повеќе од тоа што ние сме го очекувале од нив.
Секојдневно треба да им се заблагодаруваме на овие лица, затоа што ни покажуваат како животот треба да се живее на еден убав и добар начин и покрај сите предрасуди кои ни ги дава светот. Тие ни ја покажуваат светлата точка на Земјата и ни посочуваат на еден прекрасен свет.
 
На крајот, го завршуваме разговорот со отец Димитар Ташев, со една, негова омилена мисла од Мајка Тереза, со која секогаш ги пречекува и испраќа новинарите:
„Не сме сите створени да правиме големи работи. Но, затоа можеме да правиме мали работи со голема љубов!“

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *