117 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА САВА МИХАЈЛОВ- САВАТА

WEB Телевизија во живо

На денешен ден, 1 март, во 1905 година во близина на гевгелиското село Смол, во борба против османлиската војска загинал Сава Михајлов, популарно наречен Савата, македонски револуционер и војвода.

Откако му снемало муниција, војводата Савата за да не падне жив во рацете на непријателот, испил отров.

Роден е во гевгелиското село Мачуково на 25 декември 1877 година. Тој е македонски револуционер, гевгелиски војвода и учител, кој многу рано влегол во револуционерните води и учествувал во многу важни настани за македонското ослободително дело.

Како учител и револуционер дејствувал во селото Ракита, Неготино, Гевгелија и Горна Џумаја. Учествувал во аферата Мис Стон, се борел против врховизмот, бил учесник на Софиското советување на МРО и Илинденското востание во 1903 година. Тој бил тврдокорен македонски револуционер.

Сава Михајлов е роден во селото Мачуково, кој денес е преименувано и се вика Евзони во егејскиот дел на Македонија. Основно образование завршил родното село, а од 1889 до 1892 година учел класно училиште во Цариград. Образованието го продолжил во Солунската гимназија, која ја завршил во 1895 година. Истата година, станал и член на ТМОРО.

Во 1901 година, следен од властите, тој станува илегален и влегува во четата на Јане Сандански и Христо Чернопеев, со која учествува во аферата Мис Стон. По добивањето на откупот, тој со Сандански и Крсте Асенов се повлекува во Софија, каде останува до 24 јануари 1902 година.

Во март 1902 година, Сава Михајлов заедно со Сандански, заминува на Пирин, каде што остануваат до крајот на мај, кога повторно се враќа во Софија. Во овој период, тој дејствува во Горно Џумајско и учествува во конфликтот со Врховниот комитет. Во почетокот на 1903 година учествува на Софиското советување на МРО, а потоа заминува со Борис Сарафов преку Ќустендил и Кочанско, со чета од десет души во Гевгелиско и се вклучува во припремите за Илинденското востание.

Сава Михајлов како реонски началник во Гевгелиско активно учествува во Илинденското востание, извршувајќи повеќе вооружени акции заедно со четата на Аргир Манасиев и Иванчо Карасулијата. На почетокот на Востанието, заедно со Аргир Манасиев организираат диверзија на железничкиот мост на Вардар кај Гевгелија, потоа кон крајот на август двете чети водат борба кај Клисура, а на почетокот на есента четата на Сава Михајлов и Кукушката чета води борба кај Башбунар на Пајак Планина.

Во текот на февруари 1905 година со четата на Апостол војвода навлегува во Гевгелиско. Четата била забележана од овчари арнаути, кои ги известиле турските власти. Во март 1905 година, Сава Михајлов – Савата го имал последниот судир со османлиската војска. Турската војска и башибозукот ја опколила четата крај селото Смол (денес премиенувано во Микро Дасос), на височината Голема Рудина. Во првите утрински часови борбата се водела само со аскерот од Гевгелија и од Дојран и со башибозуците од гевгелиските села. По извесно време во престрелката се вклучила и војска од Солун.

Во нерамноправна борба која траела околу 12 часа, од 42 македонски револуционери се спасиле само ранетиот во четата Апостол војвода и еден револуционер. По херојскиот отпор, 28 годишниот Сава останал на бојното поле. Откако видел дека тешко ќе се извлече од обрачот и дека нема повеќе муниција, за да не падне жив во рацете на Османлиската власт, тој испил отров. Дека се отрул укажува белешката која била напишана лично од него на мало ливче, а која по битката ја пронашле османлиските офицери.

Потврда за ова е сведочењето на селаните од Мачуково, кои при погребот на убиените, на телото на војводата не забележале рани од куршум. Сава Михајлов лежел мртов со пена на устата. Задоволни поради тоа што го нема повеќе познатиот војвода Сава Михајлов – Савата, турската влада ги наградува своите војници со чинови и пари.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *