САРА СТАМКОВА ОД СОУ „ЈОСИФ ЈОСИФОВСКИ“ ОСВОИ ВТОРО МЕСТО НА ЛИТЕРАТУРНИОТ КОНКУРС ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ДЕЦАТА СО КАНЦЕР

WEB Телевизија во живо

Сара Стамкова, ученичка во први клас во СОУ „Јосиф Јосифовски“, Здравствен смер (гинеколошко акушерска сестра) го освои второто место на Конкурсот по повод меѓународниот ден посветен на децата кои се борат со канцер – 15 Февруари, кое го организираше Здружението САНО за сите ученици ширум Македонија. Средношколците, на дело покажаа колку се вешти со зборови. Емпатијата, љубовта и надежта преовладуваа во стотиците есеи кои тие ги испратија. Тинејџерите покажаа како треба да се биде прав другар на децата во болница. Селекцијата на победници ја изврши уредништвото на издавачката куќа Арс Ламина.
Во продолжение прочитајте го литературниот есеј на Сара на тема “Јас сум пријател на децата во болница”.
 
„ЈАС СУМ ПРИЈАТЕЛ НА ДЕЦАТА ВО БОЛНИЦА“
Моќта на поддршката како една од поважните фактори во пријателството, најсилно ја забележав во болницата. Како идно медицинско лице за мене болницата е повеќе од место каде што се добива помош. Можеби затоа што научив како да помогнам. Научив како да ставам инфузија, да земам крв, да ја исчистам раната од исеченица. Но, сето тоа е дел од медицината. Нејзините вистинските вредности како и оние во давањето на помошта се посилни.
 
Да се биде лекар не значи да се дијагностицира болеста и примени терапијата, туку и да се дава бескрајна поддршка на пациентите. Бидејќи нивната најголема надеж се крие токму во зборовите на лекарот. Па и Хипократ рекол:,,Некои пациенти и покрај свеста за пропаст, се опоравуваат само затоа што се сигурни во вештината на лекарот”. Иако свеста на пропаст е продукт од песимизмот кој најчесто се буди во болничките кревети, тоа сепак е само замислено сценарио, а она од лекарот е тоа кое треба да се прифати од страна на пациентот.
Секојдневно слушаме како сѐ повеќе и повеќе деца се заболени од канцер, дека со денови и месеци се во болница. Постојано ги гледаат медицинските сестри и лекарите околу нив, притоа не гледајќи ги своите најблиски. Игрите на улица, одењето во училиште веќе не доаѓаат предвид. Но, бесмислено е да се зборува и да се тажи по она кое тогаш за нив е загубено. ,,Предизвиците го прават животот интересен, а нивното надминување му дава смисла на животот.” – рекол Џошуа Џ. Марин. Всушност сето тоа е само еден предизвик, кој не значи крај. Ништо и не е изгубено. Само треба да се биде силен и да се бори, затоа што потоа, тоа ќе биде само едно и не толку мило сеќавање.
 
Иако тие моменти се многу тешки првенствено за децата во болница, како и за нивното семејство, треба да се остане позитивен. И Хипократ рекол.,,Веселите луѓе закрепнуваат и живеат подолго”. Болеста не е онаа која треба да завладее со нивната среќа. Само со вистинската терапија и позитивноста во умот може да ѝ се спротистави.
Член од мојата блиска фамилија, станува збор за дете, исто така се бореше со канцер. Се соочи со многу компликации, со што лекувањето мораше да го продолжи во друга држава. Подлежеше на силни лекови, се бореше со месеци. Сепак на нејзините фотографии од болницата ја гледав насмевката. Слушав како медицинските сестри кои зборуваат на друг јазик, за неа сосем нов, успеваат да ѝ го разубавуваат поминатото време таму. Ниту во еден момент не ја покажа слабоста. И, успеа, ја победи болеста.
 
Секако да се избори со канцерот не е ни малку лесно. Но, сето тоа може да се сфати како едно малку подолго патување, кое на својот пат има трње и пречки. Сепак на крајот на патувањето ја гледаме посакуваната дестинација, односно вашата победа над канцерот. А, пак сите ние можеме да пружиме поддршка која ќе биде како мали фенери на патот. Тоа всушност би биле честитки за брзо опоравување, мали забави во болница, цртање, боење, читање на детски книги. Со нив времето поминато во болница нема да биде толку тешко и здодевно.
 
Децата кои се наоѓаат во болница и се борат со немилосрдноста на болеста треба да знаат дека не се сами. Нив пред сѐ ги поддржува семејството како и тимот на лекари. Честопати читам, за тоа како децата кои го победиле канцерот разговараат со тие кои сѐ уште се борат и им влеваат надеж. Нека овој престој во болницата ви биде исполнет со среќа и насмевки. А при повторното враќање на безгрижните детски игри, сетете се дека вие сте голем борец.
 
Сара Стамкова I9 клас
Здравствена струка (гинеколошко-акушерска сестра)
СОУ,,Јосиф Јосифовски”- Гевгелија
Ментор: м-р Даниела Џишева

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *