НИКОЛА МАЏИРОВ НА ПАТРОНИОТ ПРАЗНИК НА БИБЛИОТЕКАТА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ:

WEB Телевизија во живо

ПЕСНАТА НЕ ЈА ПИШУВАМ, АМИ ЈА ОТКРИВАМ. ПОЕТОТ СЕ БУДИ СО АРХЕОЛОШКА СВЕСТ ЗА НЕЗАКОПАНОТО.
ЈОУ Библиотека “Гоце Делчев”-Гевгелија за своите читатели и сограѓани организираше едно прекрасно чествување на патрониот празник на библиотеката-150 години од раѓањето на Гоце Делчев, македонски национален херој, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија. Во Народниот театар, присутните љубители на поезијата имаа можност да се дружат со еминентниот македонскиот поет и есеист Никола Маџиров, и со неговата поезија. Поетската вечер беше збогатена со музиката на “Џез трио: Пенче Кралев”.
 
Во интервјуто за списанието „Современост“ направено од Стефан Марковски, Маџиров ќе каже:
„Современата македонска литература е во постојан дијалог со светските живи гласови на книжевноста и тоа е единствениот начин да се остане надвор од екстравагантните музеи на исчезнати цивилизации или на препарирани форми на живот. Исландскиот поет Сјон вели дека неговите сограѓани милуваат да кажат дека исландскиот е јазик зборуван од мал број луѓе, наспроти тоа да речат дека зборуваат или пишуваат на мал јазик. Со чиста книжевна и цивилизациска свест може да се каже дека нема големи и мали јазици, туку јазици зборувани од помал или поголем број луѓе. Затоа не може на луѓето да им биде одземен јазикот, но може на јазикот да му бидат одземени луѓето. (…)
 
На надгробните плочи се испишува годината на раѓањето и смртта, а цртата помеѓу нив може да бидат сите родени и неродени деца на покојникот, сите ненапишани книги, сите храбрости и покајанија без сведоци… Поезијата во себе ги содржи сите тие симболи на премини од една состојба во друга, од една просторна ограденост во неодбележаното поле на сеќавањето. Суштинските метаморфози се случуваат тајно — монасите во своите ќелии на самост и тихување како од кожурец се отвораат пред истиот, но сега поинаков свет, па и семоќниот спасител од глобалната поп-култура Супермен, исто така ја бара празната телефонска кабина или темниот ходник од недоградената зграда пред митолошката, па и религиска трансформација од жртва во спасител. Пишувањето поезија е иницијациски чин, преобликување на ранливоста во засолниште. Затоа е толку нужна самоста, невидливоста.
 
 Токму овој динамичен аспект на осаменоста е многу важен во процесот на поетско творење. Џојс вели дека поезијата, дури и кога е очигледно плод на силна фантазија, секогаш е бунт наспроти измамата, и на некој начин одговор наспроти актуелноста.“
Никола Маџиров (поет, есеист, преведувач) е роден 1973 г. во Струмица, Македонија. Неговата поезија е преведена на четириесет јазици и објавувана во списанија и антологии во Европа, Азија и Америка. За поезијата од книгата „Преместен камен“ (2007) ја добива европската поетска награда „Хуберт Бурда“ за автори од Источна Европа, како и најпрестижната македонска поетска награда „Браќа Миладинови“. За книгата „Заклучени во градот“ (1999) му е доделена наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга, а за книгата „Некаде никаде“ (1999) наградата „Ацо Караманов“. 
 
Според неговите стихови музика компонирал авангардниот американски џез-композитор и саксофонист Оливер Лејк (Oliver Lake), соработник на Бјорк (Björk) и Лу Рид (Lou Reed). Никола Маџиров настапувал на многубројни книжевни фестивали и добитник е на неколку меѓународни награди и стипендии: „International Writing Program“ (IWP) на Универзитетот во Ајова во САД; „Literarisches Tandem“ и „LCB“ во Берлин; „KultuKontakt“ стипендијата во Виена; „Villa Waldberta“ во Минхен и „Villa Marguerite Yourcenar“ во Франција. Координатор е на меѓународната поетска мрежа „Lyrikline“.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *