Д-Р САШКО ОЛУМЧЕВ, ЕПИДЕМИОЛОГ:

WEB Телевизија во живо

ДАЛИ СИТУАЦИЈАТА СО КОВИДОТ НИ Е ПОД КОНТРОЛА ?

СЕ ЗГОЛЕМУВА БРОЈОТ НА ИНФИЦИРАНИ, СЕ ПОЛНАТ БОЛНИЧКИТЕ КРЕВЕТИ, ГО ЗАПОСТАВИВМЕ ГРИПОТ, ГИ ПУШТИВМЕ ДЕЦАТА ВО УЧИЛИШТЕ.

Разговаравме за актуелната епидемиолошка ситуација со докторот епидемиолог од Центарот за јавно здравје Велес, ПЕ Гевгелија, Сашко Олумчев. Но, наместо на неговото работно место,како што тоа го правевме изминатите две години, кога тој речиси секојдневно исцрпно ја анализираше состојбата со пандемијата во општина Гевгелија, разговорот овој пат го направивме „on line. “

Имено, доктор Олумчев  веќе 12 дена е на боледување.  По две години борба против пандемијата, и докторот се зарази од Ковид-19. И тој и човек како и сите нас, нормално.  Не интересираше како докторот ја оценува моменталната ситуација со пандемијата во Гевгелија и во државата.

„Овие високи бројки на инфицирани во нашата општина беа логични за очекување, имајќи во предвид дека Гевгелија е погранично место, границите ги оставивме отворени, се организираа прослави, масовни собири, не се воведуваа дополнителни рестриктивни мерки, сметајќи дека Омикронот, иако побрзо се шири сепак, тврдеа стручните лица, не предизвикува толку тешки симптоми кај заразените.

Тука, мислам дека се направи најголемата грешка, затоа што, не се направија доволен број на секвенционирања за да се види за кој сој се работи, вели Олумчев. Според мене сеуште делта сојот ни е доминантен во однос на омикронот, некаде тој однос сметам дека е 60 на спрема 40 во полза на делта . Кога на тоа ќе се додаде фактот дека сега е сезоната на грипот, кога ќе се спојат грипот и делта или омикрон сојот, доаѓаме до ваква тешка ситуација. Тврдам дека многу го запоставивме грипот, бидејќи симптомите и на омикронот и на грипот се речиси идентични, матичните доктори тешко го разграничуваат, ги праќаат заболените во ковид центрите и таму дополнително се заразуваат, и мислам дека и во наредните недели грипот ќе го возвраќа  ударот, затоа што и од грип се умира.

Ковид центрите се веќе исполнети, исто и нашиот тука во Гевгелија, бројките се загрижувачки и растат од ден на ден. Не чекаат тешки денови, голем број на здравствени работници се на боледување, некои се веќе преморени. Како илустрација, Гевгелија, според бројот на новозаразени во изминатата недела беше на високото четврто место по инциденцата, со 17 заболени на 100.000 жители.

Гледам, по социјалните мрежи луѓето прашуваат зошто е таква ситуацијата во Гевгелија, кога според бројот на вакцинирани со една или две дози, ние бевме меѓу најдобрите во Македонија, со вакцинирани речиси над 60 проценти од населението.

Тука веднаш ќе им одговорам, да висок беше тој процент, но мал беше процентот на граѓани вакцинирани со трета, таканаречена „бустер“ доза, некаде околу 20 отсто од населението. И, што е најважно, а тоа мора отворено да го кажеме, вакцините не штитатат 100 отсто од заразување. Антителата по одреден период се намалуваат и затоа имаме и реинфицирани пациенти, некои и по два пати. Затоа, апелирам уште еднаш, по кој знае кој пат, треба да се прими и третата доза, а можеби ќе биде потребно, доколку ова мутирање на вирусот продолжи, и четврта доза. Вакцините, сега за сега се единствениот начин на борба против пандемијата.

Друго што сакам да коментирам, е намалувањето на деновите за изолација кај болните од ковид-19, и кај оние кои немаат но и кај оние кои имаат симптоми. Оние кои имаат симптоми мора да се вратат на работа и може да дојде до влошување на нивната здравствена ситуација. Според мене, како да е оставено вирусот да се шири оставен сам на себе, и како да чекаме, откако ќе помине низ целата популација, по природен пат да стекнеме колективна имунизација.

Учениците тргнаа во училиште, иако јас, како и неколку мои колеги епидемиолози се залагавме наставата, наместо со физичко присуство,  ако не  цел месец, туку барем за две недели да се одвиваше он лине. Да, точно е, младите полесно го поминуваат ковидот, се инфицираат, некои се и асимптоматски, но да не заборавиме, тие од училиште се враќаат дома и може да ги инфицираат своите постари членови на семејството.

Поради ова, бидејќи инкубацијата на овој сој е некаде до три дена, очекувам наредниот понеделник уште поголема бројка на регистрирани новоинфицирани граѓани, како во Гевгелија, така и во државата.

За разлика од образложението на институциите дека ситуацијата е под контрола, сметам дека епидемиолошката состојба во моментот е во најмала рака загрижувачка, бројките  растат секојдневно, а мислам дека ќе расте и притисокот врз здравствените институции, затоа што ќе се зголемува бројот на заразени на кои ќе им треба хоспитализација.“, заврши доктор Сашко Олумчев.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *