ВО СЕЌАВАЊЕ НА ВЛАДО НАКОВ, ЕДЕН ОД ПРВИТЕ УРБАНИСТИ ВО ГЕВГЕЛИЈА:

WEB Телевизија во живо

„ГОРД СУМ ШТО, СО ИЗГРАДБАТА НА НАДВОЗНИКОТ, НАШИОТ ГРАД ГО ИМА НАЈУБАВИОТ ВЛЕЗ ВО МАКЕДОНИЈА“

Неодамна,  во 91 година почина Владо Наков. Чувствував потреба да напишам неколку збора за човекот кој пред две години го посетував неколку пати и од кој дознав многу интересни работи за него но и за начинот на кој се урбанизирала Гевгелија по завршетокот на војната.

Роден е далечната 1931 година од минатиот век во Гевгелија. Во 1948-та, Владо оди во Скопје и се запишува во Средно техничкото училиште, отсек архитектура. Училиштето го завршува во 1953 година, и бидејќи тогаш во Македонија немало факултет, се враќа во својот роден град и се вработува во тогашниот Околиски одбор.

Колку што забрзано се обновуваше Гевгелија, толку побрзо требаше да се градат нови објекти, кои што не само што требаше да го разубавуваа урбаниот лик на градот, туку требаше да придонесат за неговата функционалност, раскажуваше Владо.

Но, се појави еден проблем, градот немаше никакви урбанистички планови, ниту урбанистички подлоги. Среќата сакаше да биде на страната на Гевгелија.

Имено, геометар од Заводот за урбанизам во Скопје, Николов, некако успева да дознае, во средината на педесеттите години, дека во Белград се наоѓаат сите урбанистички подлоги за Гевгелија, кои за своја потреба, во времето на окупацијата ги правеле Бугарските геометри. Заминува во Белград и успева целата урбанистичка документација за градот Гевгелија, да ја донесе, најнапред во Скопје, а потоа и во Гевгелија. Со тие подлоги биле направени првите урбанистички планови во Гевгелија. Затоа, Владо, малку на шега, а повеќе на вистина, ќе каже дека овие урбанистички подлоги, кои биле мошне прецизни, се нешто најдоброто и највредното нешто што останало од Бугарите по нивното заминување од Гевгелија и Македонија, по завршувањето на Втората светска војна.

Врз основа на тие планови, започнала најнапред изградбата на нови улици во Гевгелија, кои и денес постојат, а за чија изведба било задолжено најнапред Комуналното претпријатие, а подоцна заради се позасилената градба на многу нови објекти, првите општествени станови, водоводни и канализациони постројки, за нивна изградба се отвори во 1953 година во Гевгелија работна единица на градежната организација „Пелагонија“, која вработуваше околу 400 работници и инженери.

 

По 1960 година, се направија основните урбанистички планови, кога во Гевгелија на испомош доаѓа архитектот од Хрватска Федор Венцел. Со тоа се поставија урбанистичките контури и граници на градот Гевгелија. Потоа се подготви и техничката документација со што се создадоа можности за изградба на општествените станови. Најпрво се изградија двете згради на денешното шеталиште, вели Владо Наков.

Во 1972 година се формира Извршниот совет на Општина Гевгелија, и Владо Наков бил назначен за началник на Одделението за урбанизам и комунални работи, во кој освен него работеле уште тројца негови колеги.Оваа функција ја извршувал се до 1979 година.

Чичко Владо вели дека е задоволен од тоа што до сега е изградено во Гевгелија, а денешниот изглед на градот наликува на една модерна градска средина. Сепак, како најзначаен проект тој ја издвојува изградбата на сегашниот надвозник, преку кој се влегува во Гевгелија. Затоа што, вели, со сјај во очите, најважно за првиот впечаток на еден гостин, кој ќе дојде во еден град, е изгледот на самиот влез на тој град. Гевгелија, според него има еден од најубавите влезови, а за тоа најголема заслуга има изградбата на надвозникот кој претпријатието „Пелагонија“ го изгради за две години, 1972 и 1973 година, а во чија изградба свој придонес дал самиот тој, потоа директорот на „Пелагонија“, Џалев, , како и Ристо Терзиев и Петар Поцков, претседател на Извршниот совет.

Нека ти е вечна слава, чичко Владо.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *