ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ЛАЖЕН АДВОКАТ ОД ГЕВГЕЛИЈА ЗАПИШУВАЛ СТРАНЦИ КАКО УПРАВИТЕЛИ НА ФИРМИ ВО МАКЕДОНИЈА КОИ ИМАЛЕ НЕПОДМИРЕНИ ДАНОЧНИ ОБВРСКИ

При извршениот претрес во домот на гевгеличанец, финансиската полиција пронајде и привремено одзеде парични средства во вкупен износ од 47.095 евра, 603.000 денари и 250 швајцарски франци, исто така одземени се 1 Лаптоп, 1 десктоп компјутер и 2 мобилни апарати, како и голем број на деловна документација за извршени промени на правни лица во Централниот Регистар на Република Северна Македонија (ЦРСМ), соошти Управата за финансиска полиција.

Според сознанијата со кои располага Управата за финансиска полиција ова лице лажно се претставувало дека е адвокат и регистрационен агент за упис на промени во ЦРСМ и посредувал и вршел промени на сопственичката и управувачката структура на правни лица низ целата територијата на Република Северна Македонија, кои имале неподмирени даночни обврски по повеќе основи (ДДВ, данок на добивка, персонален данок, придонеси), а се со цел истите да не бидат подмирени и платени од даночните обврзници, на начин што со промената на сопственоста и управувачката структура се назначени лица од кои не може да се изврши наплатата, или пак истите се странски државјани и се недостапни на органите за прогон.

Имено, ова лице за одреден паричен надомест кој најчесто изнесувал 100 евра, искористувал социјално загрозени и сиромашни лица, кои ги ставал во заблуда и им давал лажни информации дека правните лица немаат никакви долгови и обврски, кои за паричниот надомест се согласиле да потпишат документација со која ја презеле сопственоста на правните лица, додека пак за управители на предметните правни лица искористил податоци од лица – странски државјани кои никогаш не влегле во територијата на РСМ ниту пак имале регулиран престој.

Воедно, со цел да ги изврши промените во ЦРСМ за седиште, назив, управител и други промени, ова лице, свесно ги фалсификувало потписите на новите сопственици и во нивно име ги потпишало сите изјави и полномоштва и друга документација потребна да се извршат промени во ЦРСМ.

Управата за финансиска полиција изврши претрес на дом и други простории во Гевгелија, каде живее и работи лицето, со цел да се обезбедат електронски уреди, компјутери, УСБ, хард дискови и други преносни уреди, тефтери, сметководствена и деловна документација, лични документи од други лица (пасоши), кои би послужиле во докажувања на сторените кривични дела.

По завршување на предистрагата и целосно документирање на случајот, од страна на Управата за финансиска полиција до надлежното Јавно Обвинителство ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Гевгеличанецот е осомничен за сторени кривични дела Даночно затајување по чл. 279, Измама по чл. 247, Помагање по чл. 24, Соизвршителство по чл. 22 и Фалсификување и уништување деловни книги по чл. 280,  од КЗ на РСМ, од страна на физичко лице.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.