“ДИЈАБЕТЕС МЕЛИТУС” КАКО ЈАВЕН ЗДРАВСТВЕН ПРОБЛЕМ

WEB Телевизија во живо

ИЗЛЕЗЕ НАУЧНИОТ ТРУД „ДИЈАБЕТЕС МЕЛИТУС КАКО ЈАВЕН ЗДРАВСТВЕН ПРОБЛЕМ ВО ОПШТИНА ГЕВГЕЛИЈА“ НА Д-Р СПЕЦ ИНТЕРНИСТ АНДОН МАНДИЌ И И Д-Р ЗЛАТКО ТРАЈКОВ, ОПШТ ЛЕКАР

Деновиве, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија го збогати својот книжевен фонд за уште една книга од сопственото издаваштво- стручна литература од областа на медицината. Имено, излезе од печат „Дијабетес мелитус како јавен здравствен проблем во општина Гевгелија“, напишана од спец. д-р Андон Мандиќ и д-р Златко Трајков, вработени во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија. Иницијативата за изготвување и издавање на оваа книга е водена од загрижувачките статистички податоци во Центарот за Дијабетес, кои говорат за состојбата на населението во општина Гевгелија по однос на оваа болест. Се претпoставува дека во општина Гевгелија бројката на заболени од дијабетес надминува над 2000 лица. Во овој научен труд се укажува на последиците, но и потребата од промената на начинот на живеење, како и за потребата од поширока едукација на населението, начинот на исхрана, значењето на физичката активност и превенцијата воопшто.

Тоа беше доволен предизвик  да направиме интервју со авторите на ова исклучително стручно дело.

 

  1. Љупчо Алексовски: Почитуван докторе Мандиќ Андон, Вие се јавувате како автор на оваа книга заедно со вашиот коавтор, докторот Трајков Златко. Од каде потекна иницијативата за пишување на оваа книга?

Д-р Мандиќ Андон:„Најпрво Ви благодарам на поканата за ова прекрасно интервју!

Иницијативата за пишување на оваа книга (научентруд) потекнува од состојбата во општина Гевгелија во однос на појавата на дијабетес мелитус како болест помеѓу нас.Имено, во архивата на Центарот за дијабетес во град Гевгелија регистрирани се 1100 лица кои се на редовен инсулински третман.Тоа се 4.8% од вкупната популација во нашата општина кои се зависни од инсулин.Но, исто така треба да се напомене дека овие пациенти не се толку.Во општина Гевгелија бројката на заболени од оваа болест е повеќекратно повисока.Се претпоставува дека надминува и 2000 пациенти, земајќи ги во предвид пациентите од сите категории, како: пациентите на редовна таблетарна антидијабетична терапија, потоа, пациентите кои се лекуваат кај своите матични лекари и, што е најзагрижувачки, постои категорија на недијагностицирани, односно, неоткриени пациенти кај која категорија немаме никаков увид. Ако ја уважиме оваа состојба, овој процент би бил и над 8%, заедно со сите категории.Загриженоста поради овој пораст ми даде храброст и поттик, заедно со мојот коавтор, да укажам на овој јавен здравствен проблем кој се однесува на нашата општина преку изготвување на книга со оваа проблематика.Всушност, и оваа книга носи наслов:

Дијабетес мелитус како јавен здравствен проблем во општина Гевгелија.

  1. Љ.А Каква е ситуацијата со заболени од дијабетес во општина Гевгелија?

Д-р спец. Мандиќ Андон: „Како што кажав со претходното прашање, состојбата во општина Гевгелија со заболени од дијабетес мелитус е сериозна и загрижувачка, особено, со тип 2 на дијабетес. Треба сите носители и двигатели на општеството да ја разберат состојбата како крајно сериозна.  Тоа се должи на големата преваленца која изнесува 4.8% или 1100 пациенти кои се на редовен инсулински третман, а сите категории на заболена од дијабетес овој процент го издигнуваат и над 8 %. Тоа е сериозна бројка која се однесува само на една болест, како што е состојбата со дијабетесот во нашата општина.“

  1. Љ.А Д-р Трајков Златко и Вие сте еден од авторите на оваа книга, односно, се јавувате како коавтор. Кажете ми, колку заболени лица од дијабетес има во Република Македонија?

Д-р Трајков Златко: „Ви благодарам на поканата и благодарен сум што се залагате оваа проблематика да добие пошироки димензии преку ова интервју!

Имено, во Република Македонија состојбата, во однос на дијабетес мелитус тип 2, е загрижувачка. Во 2003 година во Република Македонија бројката на заболени изнесувала околу 50.000 лица, а според појновите статистички податоци од Центар за јавно здравје на Република Македонија и Клиниката за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот во Скопје, дијабетот во Македонија пред 2010 година се движи околу 120.000 заболени лица од кои 35.000 на инсулинска терапија или 6 % од целата популација во Република Македонија има дијабетес мелитус тип 2. Имено, во 2018 година бројката изнесувала 130.000 заболени. Денес, таа бројка изнесува 172.000 заболени или 8.4% од општата државна популација има дијабетес мелитус. Од оваа бројка 44.000 се на редовна инсулинска терапија или 2.2% од општата популација во државата се инсулински третирани. Исто така, од вкупната бројка на заболени во Македонија 5.000 се болни од дијабетес тип 1, а 500 од нив се до 18 годишна возраст. Состојбата со заболени од дијабетес мелитус не е само јавен здравствен проблем на општина Гевгелија, туку овој проблем ја засега и нашата држава.“

  1. Љ.А Каква болест, всушност, претставува дијабетес мелитус и како настанува?

Д-р Трајков Златко: „Според Светската здравствена организација, дијабетес мелитус (лат. Diabetes mellitus) или народно позната како шеќерна болест претставува синдром на хронична хипергликемија што настанува како резултат на недоволно ниво на инсулин во крвта од една страна, или, пак, неможноста клетките во човечкиот организам да го користат инсулинот за искористување на глукозата како храна – од друга страна (СЗО / WHO).

Имено, шеќерната болест претставува нарушување на рамнотежата и потребата на шеќер во човечката крв, односно, прекумерно постоење на шеќер од нормалната потреба на самиот организмот. Шеќерот во крвта на човекот е најзначаен извор на енергија за да можат клетките и органите да ги извршуваат своите задачи при нормална функција на еден организам. Таа енергија која доаѓа од шеќерот постои во биохемиска форма позната во науката, како: ATP или аденозинтрифосфат. Секое покачување на шеќерот во крвта е строго контролирано од самиот организам, каде за кратко време доаѓа до нормализирање на нивото на шеќерот. Ако не дојде до таквото нормализирање, тогаш шеќерот во човечката крв има спротивно дејство од нормалното, т.е. добива, еден вид, токсично (отровно) дејство кое постепено, во рок на една до неколку години, врши трајно оштетување скоро на сите органи во човечкото тело. Со други зборови, шеќерот во крвта кој не може да се нормализира од страна на организмот, доведува до постепено изумирање на одредени органи во телото, дедека организмот сѐ уште е жив.

За да дојде до сето ова, потребно е да откаже барем една од повеќето функции на организмот кои се задолжени за контрола на шеќерот. Како причини кои доведуваат до појава на шеќерната болест се наведуваат: стресот, физичката неактивност како главен причинител, потоа дебелината, несоодветна исхрана други. Сметам дека сите овие причинители се во голема мерка присутни во нашето општество, но и пошироко.“

  1. Љ.А Колку типа на дијабетес мелитус постојат и во што е разликата?

Д-р спец. Мандиќ Андон: „Постојат два општи типа на дијабетес мелитус:

а. Дијабетес мелитус тип 1, кој уште се нарекува инсулин зависен дијабетес мелитус и е предизвикан од недостиг на секреција на инсулин од страна напанкреасот ;

б. Дијабетес мелитус тип 2, кој уште се нарекува инсулин независен дијабетес мелитус и е предизвикан од намалена осетливост на целните ткива на метаболичните дејства на инсулин. Оваа намалена сензитивност на инсулин се нарекува инсулинска резистенција.Овој тип на дијабетес е со генетска предиспозиција; и

в. Гестациски дијабетес за кој нема да зборуваме овде.

Кај дијабетес мелитус од типот 1 панкреаснот во целост не работи и тоа е трајна, непоправлива или неизлечлива состојба / болест. За среќа, шеќерната болест од типот 1 е многу ретка. Најверојатно се работи за автоимуна предиспозиција. Нејзината појава е од 3-5 % од сѐ вкупната појава на оваа болест во општина Гевгелија. Такви се и светските статистики за дијабетот од типот 1. Овој тип на дијабетес уште се нарекува инсулин зависен дијабетес, бидејќи не постои никаква секреција на инсулин од страна на бета клетките од Лангерхансовите островца во панкреасот.

Додека, пак, дијабетесот од типот 2 е патофизиолошки обратно детерминиран. Имено, според научните докази, тип 2 на шеќерна болест може да биде излечлива, т.е. организмот може повторно да се врати во здрава состојба. Овој тип на дијабетес е генетски предиспониран, односно, за да дојде до експресија на генот потребно се фактори од околината, како дебелината, нефизичка активност, неадекватна исхрана, стресот и друго.“

  1. Љ.А Кои се главните фактори или причини за појава на дијабетесот?

Д-р Трајков Златко: „Причините за појава на дијабетесот се мултифакторијални или разновидни. Пет главни причини се нотирани за виновни кои придонесуваат за појава на оваа болест кај лица со генетска предиспозиција.  Стресот кој го носи модерното време во кое живееме има свој голем удел. Потоа, главна причина се смета нефизичката активност. Друга причина за појава на оваа болест е дебелината која е сѐ повеќе присутна во популацијата. Многу ме загрижува тоа што дебелината е присутна уште од детска возраст и имаме прилика да гледаме сѐ повеќе обезни дечиња уште од најмала возраст. Неминовно дебелината, уште од најмала возраст, подоцна во животот ќе доведе до дијабетес, особено, кај генетсски дијабетес. Како четврта причина се зема неадекватната исхрана. За таква се смета брзата храна која стана секојдневна во нашите животи. Се разбира, свој удел за појава на оваа болест има и урбанизацијата и урбаните загадени средини каде индустријализацијата е поприсутна. Во 95% од дијабетичарите преовладува дијабетес тип 2, односно, наследниот дијабетес, а овие причини се провоцирачки фактори преку кои доаѓа експресија на генот.“

  1. Љ.А Какви оштетувања во организмот може да предизвика оваа болест доколку навремено не се превенира?

Д-р спец. Мандиќ Андон: „Дијабетесот со години може да биде скриена болест кај човекот. Доколку не се открие навреме и не се стави под контрола хипергликемијата, болниот од диабетес мелитус ризикува да се стекне со широк дијапазон на компликации, кои, повеќето, се од сериозен и иреверзибилен карактер, а многумина заболени кои стекнале компликации завршуваат и со летален крај (предвремена смрт). За да дојде до компликации потребно е да постои болеста неконтролирана, релативно, подолг временски период.

Според светските научни студии дијабетес мелитус тип 2 може да биде присутен и до 10 години без да биде откриен кај човекот. За тој период болеста може да предизвика сериозни оштетувања во организмот на човекот.

Компликациите кои може да ги предизвика оваа болест ги делиме во две категории: акутни и хронични. Во акутните компликации, најчесто застапени се: хипергликемијата, дијабетичната кетоацидоза, хиперосмоларна состојба која може да прогредира во супор, кома и смрт, и хипогликемијата, која, исто така, ако не се третира соодветно, за многу кратко време може да го доведе лицето до иреверзибилни невролошки одстапувања и последици, па и до смрт.

Додека, пак, во хроничните дијабетични компликации предизвикани од шеќерната болест, спаѓаат: микроваскуларни компликации – ретинопатија и нефропатија;   макроваскуларни компликации – атеросклероза, хипертензија, метаболичката  хипертриглицеридемија, а последователно на овие компликации, многу често доаѓа до акутен миокарден инфаркт (АМИ) и мозочен инсулт; невропатија; улцерации на стапалата кај дијабетес од циркулаторно и неврогено потекло; и инфекција.

Најважно од се е навремено откривање на болеста и навремено третирање. Со тоа сигурно ќе спречиме појава на компликации и ќе го зачуваме квалитетот и должината на животот кај пациентот.“

  1. Љ.А Како се лечат луѓето кои заболуваат од оваа болест?

Д-р спец. Мандиќ Андон: „Лекувањето на оваа болест е повеќестрано. Најпрво е потребно пациентот да ја прифати болеста по поставување на дијагнозата од страна на лекар. Потоа потребно е добра соработка на пациентот со лекарот. Превенцијата од појава на болеста и превенцијата од појава на компликации кај веќе болните лица, се чини, е поголем успех одошто квалитетот на животот кој произлегува од самата болест. Успехот на лекарот, но и успехот на пациентот – дијабетичар  во борбата е заеднички да успеат да го одржат нивото на болеста во корист на двете страни.

Начинот на исхрана, односно, диетата како терапија е примарна и е конститутивен фактор во контролата за се. Секое намалување на тежината доведува до подобра гликемиска контрола. Диетарната терапија не се однесува само за нивото на гликозата во крвта. Диетата, исто така, предизвикува подобрување и на липопротеинскиот метаболизам, но и се покажало дека делува во намалување на системскиот крвен притисот кој е често присутен кај дијабетичарите и е главен ризик фактор и за морбидитет и за морталитет.

Физичката активност е поврзана со значително намалување на ризикот од компликации, но и од појава на болест.Во однос на гликозниот просек, физичката активност го намалува гликолизираниот хемоглобин (HbA1c) за 0.5% – 1%, додека физичката активност го намалува ризикот од кардиоваскуларна болест за 33% – 50%, а ризикот од микроваскуларни компликации, како: нефропатија, ретинопатија и периферна микроваскуларна ангиопатија се намалува за околу 33%. Акутното вежбање ја подобрува инсулинската чуствителност, односно,зачестеното вежбање дава солидни резултати, а аеробните вежби се тие кои најмногу водат до смалување на гликозниот просек и подобрување на инсулинската чуствителност. И вежбањето со тегови е корисно, а комбинација од двата типа на вежби е најефикаснo.

Во однос на терапијата постои медикаментозен третман, инсулински третман и комбиниран третман. Многу значаен момент за целиот менаџмент кај дијабетес мелитус тип 2 е третманот кај веќе заболените лица. Овој моментум е клучен во животот на еден дијабетичар, но и во проекцијата на еден здравствен систем во една држава. Кај полесната форма на дијабетес се применува медикаменсозниот режимски третман, а кај потешките форми се пристапува со комбинираниот  режимски третмани. Лекувањето кај секој дијабетичар се прилагодува индвидуално спрема состојбата, формата на болеста и одговогот на организмот на терапијата. Усогласувањето на третманот бара почести контроли и консултации со лекар специјалист интернист / ендокринолог.

Веќе постоечките компликации од дијабетес се третираат мултидисциплинарно, во однос на медицинската гранка која ги покрива, на пример: ако е компликацијата од хируршка природа како дијабетичниот улкус, тогаш специјалист хирург ги третира тие здравствени состојби. Доколку компликацијата е дијабетична офталмопатија, тогаш специјалист офталмолог ги лекува тие состојби. Се разбира, постои соработка на сите лекари во борбата против оваа болест.“

  1. Љ.А Кои се првите симптоми на оваа болест кои може да ги препознае секој човек и што би го натерало да се јави на лекар?

Д-р Трајков Златко: „Дијабетес мелитус е болест со широка рамка на клинички знаци и симптоми уште од почетокот на појава на болеста. Доколку човек е во основа едуциран, сугурен сум дека ќе направи навремена и точна проценка дека се случува нешто невообичаено со себеси и ќе побара консултација од лекар. Во основа  болеста се манифестира преку 5-6 клинички знаци и симптоми. Првично кај човекот кој веќе се стекнал со оваа болест се јавува жед или полидипсија или потреба од внесување на поголеми количини на вода. Тоа е така бидејќи крвта кај дијабетичарот е густа, односно, течниот дел од крвта или плазмата е намален. Како втор клинички знак кој се јавува кај дијабетичарот е прекумерно мокрење или полиурија, бидејќи преголемото количество на кликоза во крвта изискува прекумерно мокрење, т.е. бубрегот ја пропушта гликозата која надминала 10 mmol/L (нормално од 4.4 до 6.6 mmol/L). Шеќерот во крвта се врзува за водата, па оттука имаме прекумерно мокрење, односно, поради недостигот на течности во организмот се јавува и жедта. Трет клинички знак е сувата уста која, најчесто, е пропратена со лепливост на усните. На овие знаци се надоврзува и глад или полифагија, бидејќи клетките се гладни за гликоза, иако ја има во зголемени количини во крвта, но поради недостаток на инсулин не може да биде искористувана како храна од страна на клетките. Тогаш центарот за глад во хипоталамусот праќа импулси за потреба од храна. Како пропратни симптоми ги имаме изнемоштеноста, слабоста и поспаноста. Малку покасно се јавува и мускулна слабост или атрофичност, односно, човекот почнува да слабее поради глад на мускулните клетки за шеќер и нарушување на протеинскиот баланс во самата мускулна клетка. Значи, да сумираме, како првични знаци и симптоми се јавуваат: жед, глад, прекумерно мокрење, лепливи усни, изнемоштеност, слабост, поспаност, а малку покасно и слабеење.“

 

  1. Љ.А Како да се заштитат луѓето од појавата на оваа болест која очигледно е во подем и кај нас, но и во светот?

 

Д-р Трајков Златко: „За да превенираме појава на шеќерна болест, треба, најпрво, да го усогласиме начинот на живеење, поимање и разбирање на животот со реалните природните потреби на човекот. Очигледно е дека зголеменатаа појава на оваа болест се должи на модерниот начин на живеење кој го донесе и го носи глобализацијата. Глобализацијата, особено, тешко ја поднесоа земјите во развој, односно, земјите о помал економски раст, во кои спаѓа и Република Македонија. Исто така, глобализацијата ги измести од колосек стандардните животни навики и вредности кои човекот го правеа посмирен, порелаксиран, потрпелив, порационален, порадосен. Се помалку гледаме луѓе кои се грижат за своето здравје преку рекреативни активности, како: пешачење, планинарење, џогирање, возење велосипер итн. Физичката активност е директно поврзана со превенција од појава на дијабетес. Уште од најмала возраст треба да имаме навики за физичка активност и спортување. Овие здрави животни навики треба државата построго да ги наметнува на младата популација.Под физичка активност подразбирам: трчање 2-3 пати во неделата, играње фудбал, кошарка, пливање, возење на велосипед, планинарење, управување кајак на мирни води, играње тенис 2-3 пати во неделата или активно пешачење од 7-10 километри 3-4 пати во неделата кај здрава популација, додека кај дијабетичарите таквата активност треба да биде издигната и на повисоко ниво во консултација со лекар – спец. ендокринолог. Во однос на дијабетичарите пешачењето е најадекватна физичка активност.

Исто така, треба да се напомени, дека стресот зазема важна улога во појавата и придонесот на оваа болест. При редовна изложеност на стрес на организмот доаѓа го покажување на хормоните кортизол и адреналин, кои, пак допринесуваат за покачување на шеќерот во крвта, но и допринесуваат за стеснување на капиларите и намалување на протокот на крв , а со самото тоа и намалување на површината (плоштината) за трошење на шеќерот во крвта. Клетката за време на стрес е згрчена, не може да дише и не може да работи нормално.Модерниот начин на живеење носи и големем животен стрес. Луѓето посегнаа во трка за остварување на повеќе материјални добра, а не успеваат да ги постигнат своите цели. Имаме беспарица, безработица, сведоци сме на големи неправди кои не снаоѓаат во животот каде сме изложени на постојан внатрешен или душевен притисок. При тоа луѓето се здобија со нервоза, немири, неспокојства итн. Ги изгубија физиолошките навики и потреби за нормално функционирање на еден човечки организам. Ретко среќавам човек кој сака да се смири пред животот, а туку очекува повеќе и повеќе.Луѓето заборавија како да се опуштаат. Нивниот нервен систем е постојано згрчен од грижи, животни трки за разно – разни успеси итн., кадеи доаѓа до граница да не можат повеќе да го носат товарот на таквиот животен долгогодишен стрес, не се преиспитуваат до каде треба да се оди.И, тука веќе имаме болест!Всушност, тоа е и основа за појавување на разни болести. Уште од мали сме изложени на таквите животни трки кои само ни носат проблеми. Треба да се трудиме, колку што можеме, животот да го правиме поедноставен, а не да го комплицираме.

Во овој контекст, ќе цитирам и еден метафоричен пасус од книгата, каде се вели: ‘Дијабетес мелитус тип 2 не е болест на панкреасот, туку болест на нозете, односно,  болест на културата и философијата на живеењето на една индивидуа и нација.Дијабетесот е толку присутен колку што може да биде и отсутен.

 

  1. Љ.А Дали можеби планирате одржување на некакви едукативни предавања за опасностите од оваа болест во општина Гевгелија?

Д-р спец. Мандиќ Андон: „Да, се разбира. Како лекари, работиме на поголемо интегрирање во општеството, каде би можеле да допреме до граѓаните, да ја менуваме свеста за сопственото здравје, и не само во однос на појавата на дијабетесот, туку и генерално во однос на нивното здравје. Околу дијабетесот како јавен здравствен проблем во општина Гевгелија, планираме да организираме едикативни предавања, телевизиски емисии, како и да ги користиме сите расположливи ресурси кои би придонеле за поголема едуцираност на жителите и подигање на нивната свест. Оптимисти сме, дека и раководството при општина Гевгелија и другите конститутивни институции и организации ќе седнат на отворена маса за да ги решаваме – de factoовој проблем и  на него сличните, со виден резултат. Потребна е добра стратегија и солидно време за да имаме резултати. Исто така, потребнно е што побрзо да се реагира. Веруваме дека ќе има одговор од сите нас и дека сите ќе покажат одговорност, волја и сила за да ги менуваме нештата. Сите ние што сме повикани да дадеме придонес во однос на јавното здравје и имаме неотповиклива одговорност да го врвиме тој пат до крај. Исто така, со мојот коавтор, докторот Златко Трајков работиме на изготвување на уште еден научен труд кој се однесува на акутниот миокардијален инфаркт како зачестена појава во општина Гевгелија, за која тема, веруваме, ќе зборуваме многу пред пошироката јавност.“

Ви благодарам на интервјуто, докторе Мандиќ и докторе Трајков.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *