ЗБОРОТ НА ГОДИНАТА 2021 ВО МАКЕДОНИЈА Е : ВАКЦИНАЦИЈА. ВО ТОП 5 ЛИСТАТА СЕ НАЈДОА И ЗБОРОВИТЕ АНТИТЕЛА, АКЦИЈА, ПРОТОКОЛ И ИНОВАЦИИ

WEB Телевизија во живо

Балканскиот институт за култура и хуманистички науки од Скопје оваа година, по примерот на многу други јазици, го започна проектот „Збор на годината“ кој се засновува на материјал од комуникацијата на македонски јазик. Ова е прва ваква анализа која се однесува на македонскиот јазик, со оглед на тоа што досега не постоеше можност за нејзино реализирање, со оглед на фактот што досега не постоеја реални услови за вакво истражување.
Проектот го водеше д-р Емил Ниами, лингвист, кој со група помлади истражувачи во текот на пет недели, во периодот од 1 ноември (понеделник) до 5 декември (недела), извршија комплетно истражување на достапниот материјал.
„Ова е прв ваков проект во нашата земја, што беше особен предизвик за нас. Една ваква операција, освен што подразбира стручност, изискува и познавање на напредните технологии при истражувањето, како и познавање на новите методологии на анализа на податоци. Иако лично јас на почетокот бев скептичен дека ќе дојдеме до конечен резултат заснован на научно заснована анализа, сепак стручноста на истражувачите предводени од д-р Ниами доведе до посакуваната цел – го имаме зборот на годината“, вели Дарко Несторов извршен директор на Балканскиот институт за култура и хуманистички науки.
Она што е исклучително важно во еден ваков проект е дека при анализата на податоците се користени сите можни средства преку кои се пренесува информација на македонски јазик: од традиционалните – радио, телевизија, весници и списанија, преку поновите – Интернет портали, сè до социјалните мрежи кои најчесто се користат во земјава (Фејсбук, Твитер, Инстаграм) и печатените и електронските реклами.
и научно засновани“, вели д-р Емил Ниами, раководител на проектот.
Според извршената анализа направена е и топ-листа на петте зборови во македонскиот јазик за 2021 година, која изгледа вака:
1. Вакцинација
Мошне очекувано од страна на колективот што работеше на лингвистичката анализа овој збор се најде на првото место. Оваа лексема во текстовите, во информативните и во дебатните емисии, како и во Интернет-комуникацијата се среќава со дури пет пат поголема зачестеност. Секако, тука треба да ги посочиме и зборовите вакцина и вакцинален кои исто така мошне често се употребувале кај говорителите на македонскиот јазик во 2021 година.
2. Антитела
Уште еден збор кој е поврзан со пандемијата со КОВИД-19. Иако не беше очекувано дека ќе се најде токму на второто место, овој збор сосема логично високо котира, со оглед на тоа што самата вакцинација е поврзана со создавањето антитела. Лексемата најчесто ја среќаваме во извештаите во дебатни и едукативни програми, како и во Интернет-комуникацијата, особено на социјалните мрежи. Особено е интересно што од сите зборови поврзани со пандемијата со КОВИД-19 овој збор најчесто се употребува во рекламните изданија на Интернет-просторот на македонски јазик.
3. Акција
Интернет-, телевизиските, радио- и печатените реклами го донесоа зборот акција на третото место по зачестеност. Интересно е што овој збор најчесто се користи во значење на „попуст“ (не е опишано во Толковниот речник на македонскиот јазик). Најчеста употреба на овој збор забележуваме во рекламните издание, како печатени, така и електронски (телевизија, радио, Интернет). Со проширувањето на Интернет-продажбата, овој збор стана речиси задолжителен при секоја реклама на социјалните мрежи.
4. Протокол
Очигледно е дека лексиката поврзана со пандемијата со КОВИД-19 преовладува во списокот најчестоупотребувани зборови во комуникацијата на македонски јазик. Зборот протокол најчесто го среќаваме во медиумите, додека многу поретко при комуникацијата на социјалните мрежи. Соодносот медиуми – социјални мрежи изнесува 14:1, па тоа е, најверојатно, и причината што лексиката поврзана со пандемијата со КОВИД-19 не ја направи „златната тројка“ на списокот најчесто употребувана лексика.
5. Иновации
Сосема неочекувано зборот иновации се најде во топ-5 зборови за 2021 година. Анализата покажува дека овој збор се користи со истата зачестеност како и зборовите од секојдневната лексика (вода, пари и сл.). Ваквата употреба се должи на енормно брзиот развој на високите технологии, но и на пандемијата со КОВИД-19 која наметна потреба токму од иновации, со цел одржување економски баланс во услови на безмилосна конкуренција.
May be an image of 3 people and indoor
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *