ПРИКАЗНА ЗА ТЕРЕЗА ГРГИЌ ОД НОВА ГРАДИШКА. ПРИЈАТЕЛКА НА МАКЕДОНИЈА, ХУМАНИТАРЕН РАБОТНИК. ДОКТОРКАТА КОЈА БИЛА ДЕЖУРНА ОНА КОБНО УТРО НА 16 ОКТОМВРИ 2007 КОГА ЗАГИНА МАКЕДОНСКИОТ АНГЕЛ-ТОШЕ ПРОЕСКИ.

WEB Телевизија во живо

Животот се вели, пишува романи, скоро секој божји ден. Во тие романи се преплетуваат и убавите и неубавите настани и личности. Денеска би сакале да ви ја раскажеме приказната за една прекрасна личност од Нова Градишка, Република Хрватска и за еден настан кој засекогаш поврза две држави, два града и двајца хуманисти, верници, две суштества полни со љубов кон луѓето, со големи срца од кои едното од нив, она на нашиот ангел Тоше Проески, за жал престана да чука два часа пред таа нивна „средба“ на одделот за патологија на Општата болница во Нова Градишка, како резултат на тешката сообраќајна несреќа на автопатот Загреб-Липовац, во која само тој го загуби животот. Тоше седел на местото на совозач и спиел. Тогаш заспа засекогаш.
Докторката Тереза Гргиќ, втората хумана личност со големо срце од оваа приказна, која тоа кобно утро на 16 октомври 2007 година била дежурна во Општата болница во Нова Градишка денес е пензионерка. Благодарејќи на ултрамаратонецот Наум Капрически, кој заедно со неколку маратонци од Македонија секоја година организира трчање од Нова Градишка до Крушево во знак на сеќавање на Тоше Проески, имавме можност да разговараме со доктор Тереза Гргиќ.
За нејзината хуманитарна работа поврзана со ликот и делото на покојниот македонски пејач Тоше Проески, Владата на Република Македонија ја награди Тереза Гргиќ со високото одликување „Мајка Тереза“,
На почетокот, таа ни кажа дека не љуби да дава интервју за медиумите, но ексклузивно, за гледачите на ТВ Нова 12 , за сите фанови на Тоше Проески, за сите ултрамаратонци како и за сите нејзини пријатели во Македонија, таа ни го отвори своето широко срце и ни ја раскажа својата приказна.
За нејзината хуманитарна работа поврзана со ликот и делото на покојниот македонски пејач Тоше Проески, Владата на Република Македонија ја награди Тереза Гргиќ со високото одликување „Мајка Тереза“,
Може ли да ни кажете накратко, која е Тереза Гргиќ?
„Роденa сум на 2 јануари 1953 година во Брѓани, општина Решетари, моето семејство живееше таму до 1957 година кога се преселивме.во Старо Петрово, каде завршив основно училиште. По завршувањето на основното училиште заминав во Загреб во 1968 година и се запишав на училиштето за здравствени техничари, лабораториска насока. Во 1972 година се запишав на Медицинскиот факултет во Загреб, а дипломирав во 1978 година.
За време на моето студирање имав стипендија од Општата болница во Нова Градишка и за потребите на истата останав да работам во Загреб на отсекот за патологија на Медицинскиот факултет во Загреб. Тука ги завршувам постдипломски студии по медицинска цитологија“
Зошто одбравте да студирате токму медицина?
„Зошто отидов на медицина?. Па, интересно, тоа беше неостварената желба на татко ми, да биде лекар, тој не успеа, па затоа остана јас да ја остварам таа негова голема желба, и на мое задоволство сега може да речам дека сум го направила вистинскиот избор.“
Каде работевте по завршувањето на факултетот и кога се пензиониравте.?
„Во 1985 година се вратив во Нова Градишка и во Општата Болница го основав одделението за патологија и цитологија под менторство на доцентот, докторката по медицина, Мира Халбауер, спец.патолог-цитолог која ми помогна да го основам одделот и за што сум и вечно благодарна.
Ја работев оваа работа и во Татковинската војна во Хрватска, кога бев член на Штабот на Општата болница во Нова Градишка каде ја водев комисијата за идентификација на ранети и загинати бранители и цивили. На оваа функција останав до 1995 година, кога продолжив да работам редовно на моето работно место во Општата болница, се до 2019 година кога се пензионирав поради здравствени проблеми.“
Дали го познававте Тоше Проески лично, дали ги знаевте неговите песни?
„Лично, не го познавав. Ги слушав неговите песни и, мора да ви признам дека често го мешав со нашиот Тони Цетински бидејќи нивните гласови мене ми беа некако слични.“
Можете ли, иако знам дека ви ги враќам тажните спомени, да се потсетите на тоа утро на 16 октомври 2007 година ?
„Во оваа тажна приказна за нашиот Тоше, која тешко ме погоди, се вклучив на 16 октомври 2007 година, кога во 8:15 часот го примивме телото на Тодор Тоша Проески на одделот за патологијата во Општата болница во Нова Градишка
Пред тоа, се сеќавам дека ми се јави синот на мојот брат Ивица, кој беше Тошин фан и ме праша дали Тоше навистина починал. Не му одговорив, но по неколку минути Итната медицинска помош помош ме извести дека го носат мртвото тело на македонскиот пејач Тоше Проески кој загинал во сообраќајна несреќа.
Откако го прегледав Тоше, се сретнав со неговата менаџерка, г-ѓа Љиљана, болката и шокот во таа жена длабоко ме допре, ја однесов во мојата канцеларија за да ја заштитам од медиумите.
Час-два по објавувањето во вестите, болницата беше преполна со новинари и ТВ сниматели, ние не дававме никакви изјави се додека не заврши обдукцијата на патологот-форензичар кој се определува со законските прописи за повредени странски државјани во Република Хрватска.
Тогаш се вклучи и амбасадата на Република Македонија – вршителот на должноста, г-дин Руменовски, како и сите вработени во амбасадата. Беше потребно да се подготви целата документација за превозот на Тоше.
Во 10 часот ми се јави и тогашниот ваш премиер, господинот Груевски и ме замоли да направам се што е потребно истиот ден Тоше да го превеземе со хеликоптер во Македонија.Јас и господинот Руменовски ги активиравме сите потребни служби и во вечерните часови од фудбалскиот стадион на ФК Слога Тоше со хеликоптер беше пренесен во Македонија.Тоше го испратија голем број на жители од Нова Градишка како и бројни обожаватели од Словенија, Босна и Херцеговина и Србија, беа илјадници луѓе на стадионот.
Тоше беше испратен од многу наши пејачи, меѓу кои беше и Антонија Шола, музичкиот менаџер, Мирослав Поповиќ, како и композиторот Мирослав Рус. А, некои од нив со автомобили го продолжија својот пат кон Македонија.“
Македонската јавност знае за вас од моментот кога започна да се организира Ултра маратонот во чест на Тоше Проески од Нова Градишка до Крушево. По трагичната смрт на македонскиот пејач, маратонецот Наум Капричевски заедно со неколку атлетичари од повеќе клубови од Македонија одлучија секоја година да организираат настан во спомен. Дали се вклучивте во тоа од самиот почеток?
„Да, од самиот почеток. Знаете, почнаа во Нова Градишка да доаѓаат многу роднини и пријатели на Тоше, голем број ваши граѓани кои го следат патот на Мајка Тереза од Скопје до Рим до Светиот Отец Папата Јован Павле Втори, велосипедисти, потоа градоначалниците на Крушево. Сите тие застануваа во Нова Градишка да видат каде загина нивниот Тоше. Со доаѓањето на амбасадорот Данчо Марковски започна една убава соработка меѓу Амбасадата на Република Македонија и градовите Нова Градишка и Крушево
Мотивирана од доаѓањето на сите ваши делегации и пријателите на Тоше, си помислив дека треба да направиме едно спомен-обележје, па ги мотивирав директорот на Електротехничкото училиште и мојот добар пријател, архитектот Винко Гргиќ, како и градските и жупаниски власти да направиме сите заедно еден споменик каде што ќе започне маратонот, каде што ќе можат да му се оддаде почит на Тоше. Целата документација ја направив јас, идејното решение е на Винко Гргиќ, наш сегашен градоначалник, а согласноста за просторот и градежната дозвола ја обезбеди директорот на Електро техничкото училиште Јосип Крмпотиќ .Тоа е местото од каде замина Тоше. Секогаш околу споменикот има млади ученици, спортисти, затоа што Тоше и припаѓаше на таа младост, па затоа, преку ова спомен обележје нека живее меѓу нас вечно.
Тоше беше миротворец, полн со љубов, голем хуманист, а колку што знам дел од животот посветивте на хуманитарната работа. Организирате трибини, бројни хуманитарни акции и претседател сте на Хрватската лига за борба против ракот, д-р Зорислав Словиќ од Нова Градишка.
„Сега кога сум во пензија, како што веќе спомнав погоре, се занимавам со хуманитарна работа преку моите здруженија, помагам во превенција од малигни заболувања, едукација на млади и стари лица болни од рак.
Сите заедно помагаме во текот на лекувањето, организираме хуманитарни акции, собираме средства за апарати за дијагностика и третман на пациенти и ги донираме во Општата болница Н. Градишка.,
По повод Денот на градот 2017 година, Градот Нова Градишка ми го додели јавното признание ГРБ НА ГРАДОТ, за долгогодишна работа во здравството во Нови Градишка и хуманитарна работа во превенција од малигни заболувања. Пред извесно време го формиравме и „Клубот на пациенти со рак на простата и уринарниот систем“ а минатата година, во време на короната дониравме 30.000 куни за опремата на Одделот за интензивна нега во Општата болница „Нова Градишка“
И денес не се откажувам од професијата, надворешен соработник сум на Институтот Руѓер Бошковиќ во Загреб на Централниот институт за тумори во Загреб, каде работам на генетското тестирање на наследните карактеристики на ракот.“
Она што би не интересирало е дали некогаш сте биле во Македонија?
„Многупати сум била во Македонија. Она што е интересно за прв пат тоа беше во 1968 година кога бев осмо одделение. Тоа беше натпревар на млади задругари од Југославија во основното училиште во Драчево кај Скопје. Тогаш, нашата училишна задруга од Основното училишта Старо Петрово Село ја освои првата награда, а тоа беше патување од Скопје до Охрид. Тогаш, како награда, јас ја добив вашата преубава македонска народна носија. Подоцна соработував со тутунско претпријатие Македонија Табак, кое имаше големо реноме во производството и продажбата на тутун, како и со фирмата Алкалоидод Скопје, претставништво во Загреб За време на соработката многупати бев во Скопје, каде запознав многу добри и драги луѓе кои и денес ми се пријатели.“
Ви преостанува ли г-ѓо Гргиќ после сета оваа ваша хумана работа да си посветите малку време себе си и како го користите тоа?
„Се наоѓа, како не. Она што посебно ме радува е поминатото време со внуките на мојот брат, секој момент поминат со нив е бесценет.
Имам многу пријателки и пријатели со кои сакаме да патуваме низ светот, но сега тоа поретко го правиме и се воздржуваме поради пандемијата, но затоа се слушаме секој ден.“
На крајот, ни преостана само да и се заблагодариме од се срце за љубезноста на Тереза Гргиќ и на фактот што прифати да одговори на нашите прашања, а на оваа хуманитарка со големо срце и посакавме многу здравје и сила за уште многу хуманитарни акции во иднина.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *