НАТАЛИЈА ПОПОВСКА,ДИРЕКТОРКА НА МАКЕДОНСКИОТ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ВО ЗАГРЕБ:МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА E БОГАТА И ИМА ТРАДИЦИЈА, А ИНТЕРЕСОТ НА ХРВАТСКАТА ПУБЛИКА ЗА СЛИКАРСТВО, ТЕАТАР, КНИЖЕВНОСТ И МУЗИКА Е ГОЛЕМ.

WEB Телевизија во живо

Професорке, вие сте дипломирале на Филозофскиот факултет, Институт за класични студии, сте докторирале на институтот за национална историја на тема Античка Македонија во историјата на Диодор, како се случи да заминете во Хрватска?
Културната дипломатија на Република Северна Македонија е веќе институционализирана преку Културно-информативните центри, кои ги отвари во регионот (Турција, Бугарија, Албанија, Хрватска). Ми припадна честа да добијам таков мандат во Р. Хрватска. Јас доаѓам од редовите на академската заедница, но паралелно бев и доста општествено ангажирана. Осум години бев Претседателка на граѓанското здружение Транспарентност Македонија, учествував во активностите на Стратегијата на Владата за едно општество и интеркултурализам, бев надворешен соработник на Музејот на македонска борба за самостојност. Преку програмите кои се спроведуваат во рамките на мандатите на директорите се остварува комуникација со другите држави во сите области кои ги опфаќа културната дипломатија. Мојата биографија очигледно се вклопува во овој концепт. Дополнително, и моето присуство во Хрватска е доста интезивно од 2012 година до денес и мојата комуникацијата со културната сцена е многу опстојна.
Културно-информативниот центар во Загреб има големо значење за ширење на македонската култура и за афирмирање на нашите автори од сите области.
Јас сум на почеток од мојата мисија, всушност ја имам честа но и огромната одговорност да бидам прва на ова место и да почнам од нула, што подразбира наоѓање и адаптирање соодветен простор во кој ќе се одвиваат дел од активностите на центарот, се до осмислување и спроведување програма, преку која најдобро ќе ја претставиме нашата култура. На овој план имаме што да понудиме, македонската култура е богата, има долга традиција, а интересот на хрватската публика за нашето сликарство, театар, книжевност, музика е голема. Тој интерес за нас претставува поттик да го претставиме најдоброто од Македонија. Така и ќе биде. Наскоро ќе се објават проектите за следната, 2022 година, кои ќе бидат спроведени со поддршка на Министерството за култура. Изминативе месеци се реализираа активностите кои единствено беше можно да се реализираат. Посебно сакам да го истакнам гостувањето на професорката Весна Мојсова Чепишевска на Филозофските факултети во Загреб и во Ријека во периодот од 01 – 05.11.2021 година, по повод одбележувањето на годината на Блаже Конески. Оваа професионална посета има афирмативни ефекти во одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на кодификаторот на македонскиот литературен јазик. Остваривме средба со фудбалерите од првата постава на клубот Динамо, капитенот Аријан Адеми и Стефан Ристовски, кои истовремено се репрезентативци на Северна Македонија. Потсетивме дека тие остварија историски настап на минатото Европско првенство. Целта беше да покажеме дека преку спортот секогаш се пренесуваат пораки на солидарност, соработка и заедништво. Вие ги следевте настаните во чест Тоше Проески, тоа е нешто што веќе е воспоставено. На сите овие активности поддршка даде Н. Е. Амбасадорот Милаим Фетаи.
Колку сте задоволни од хрватско-македонските културни односи со оглед на тоа што културната дипломатија може ненаметливо да постигне резултати во стекнувањето препознатливост, доверба, наклонетост или партнерски и пријателски релации, а и многу настани важни од македонската историја се случиле токму во Хрватска, да ги спомнеме печатењата на Бели Мугри на Рацин, Зборникот песни на Браката Миладиновци….?
Не само јас, туку сите треба да бидеме задоволни од начинот како функционираат тие односи, а фактите зборуваат за тоа. Историската, културната, географската блискост на Македонија и Хрватска, како и наклонетоста и принципиелната поддршка на Република Хрватска кон евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија, ја наметнуваат потребата од продлабочување и динамизирање на билатералните односи, особено на полето на културата. Билатералните односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска се карактеризираат со пријателство и соработка во сите полиња од заемен интерес. Својата отворена поддршка Хрватска постојано ја реафирмира преку своите институции на секој план. Тие односи не треба да се сфатат како нешто завршено, туку како нешто што треба постојано да се негува и да се почитува. Од моја позиција, тоа подразбира континуирано динамично и проактивно работење на Културно-информативниот центар во Загреб, заради обезбедување поголема видливост и присутност и подобра/појасна перцепција за Република Северна Македонија. Треба постојано да се поттикнува интересот за Македонија. Двата примера кои ги споменувате, браќата Миладиновци и Кочо Рацин се еден вид одредница и се од особено значење за нашите историски и културни врски со Република Хрватска. Тие се неизбежен дел од програмските активности на македонските културни друштва кои функционираат на територија на Република Хрватска, а секако поддржани од сите поранешни и актуелни претставници на нашата дипломатската мисија.
Дали ќе се согласите дека публиката во земјите каде имаме свои амбасади и културни центри, како овде во Хрватска, можеме да ги освојуваме со она што е највредно и најмоќно во нашата легитимација во светот, а тоа е нашата култура?
Добро забележавте. Културната дипломатија бара вклучување на повеќе учесници од различни сегменти на општеството како што се универзитети, граѓански организации, туристички агенции, спортисти, уметници, професионални здруженија. Културните материјали/културното добро, како средства за културна промоција треба да се поврзани со вредностите на другите култури. Како Директорка на КИЦ во Загреб сметам дека треба да бидат поддржани проекти кои се одраз на нашата традиција и култура, но истовремено се современо контекстуализирани и поврзани со територијата на која функционира КИЦ. Целта е да се претставиме со знаење, врвна умешност и уметност, која Македонија ќе ја претстави како еманципирана мултикултурна и мултиетничка земја, во која работат и создаваат едуцирани културни работници и врвни уметници, чија работа е валоризирана надвор од границите на Македонија. Истовремено тоа претставување да биде во комуникација и со хрватската сцена и со хрватските релевантни институции и истакнати личности. Програмските активности треба да исполнуваат високи критериуми и да се дел од актуелните глобални теми, како што се човековите права, феминизмот, екологијата и сл.
За да ја реализирате културната програма, сигурно мора да сте создале и многубројни пријатели во земјата-домаќин зашто настаните треба некој да ги посети, пред сѐ. Ја зголемивте ли листата на познанства што се важни за ширење на македонската култура
Секако, од особена корист ми беше и моето претходно искуство во Хрватска. Имено, со семејството престојувавме тука во текот на 2012/2013 година. Дојдовме заради професионалните ангажмани на мојот сопруг, ќерката заврши втора година средно образование, а јас во тој момент ја подготвував мојата докторска дисертација и добив едногодишен студиски престој во текот на една академска година на Филозофскиот Факултет во Загреб. Секако и во годините пред и после тоа често бевме во Хрватска и можам со гордост да кажам дека стекнавме голем социјален капитал. Тоа е навистина една добра појдовна основа за извршување на одговорна јавна функција како што е мојата.
Има ли успешни Македонци во Хрватска?
Во Хрватска има бројно македонско иселеништво и навистина сум воодушевена што сретнав многу успешни и прекрасни луѓе. Нивната етаблираност во хрватското општество се потврдува и со односот на хрватската држава кон нив, којшто е за секоја почит. Македонците со уште 21 национално малцинство во Р.Хрватска се споменати во Преамбулата на Уставот на оваа земја, согласно уставните измени од 2010 г. Македонците се успешни на полето на уметноста, културата, бизнисот, медицината, образованието, спортот.
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *