ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГЕВГЕЛИЈА

Во средината на април 1944 година при Околискиот комитет на КПЈ-Гевгелија се формира диверзантска група, која наскоро прерасна во воена единица и го доби името Втор гевгелиски партизански одред. Одредот беше дел од Втората македонска бригада и изведуваше акции во координации со бригадата. На 15 септември борците на Вториот гевгелиски партизански одред и организационо ја заокружија оваа борбена единица.За политички комесар на Првата чета на одредот беше поставен Душко Колев.Веднаш потоа уследија и првите борбени акции на територијата на Гевгелиска околија.
На 27 септември, борците на Вториот гевгелиски партизански одред, по борбите кај Богородица и Стојаково, започнаа да се доближуваат до Богданци.Одредот си постави и конкретна задача – да ги нападне германските воени единици стационирани во населбата.Затоа, на 28 септември, Вториот гевгелиски партизански одред се состана со Струмичкиот партизански одред, предводен од Ѓоко Ортаков. Падна и договор, уште истата ноќ, на 28 септември 1944 година, да извршат заедничка акција врз германските единици, кои беа стационирани во Богданци.
Во ноќните часови започнаа борбените дејства на броците од Гевгелискиот и Струмичкиот партизански одред. Акцијата на двата одреди беше успешно завршена, а потврда за тоа беше повлекувањето на непријателот. Германските единици веќе наредниот ден, на 29 септември, беа принудени да го напуштат Богданци.
На 5 ноември 1944 година, Гевгелискиот партизански одред тргна кон Гевгелија на својот пат за ослободување на градот. И, тоа преку Мачуково и Сеово пробивајќи се кон Гевгелија.
На 6 ноември борците на Вториот гевгелиски партизански одред во параден строј влегоа во Гевгелија, минувајќи низ главната улица. Жителите на Гевгелија воодушевено ги поздравија и дочекаа борците, радувајќи и се на слободата.
На 7 ноември 1944 година во големата сала на Соколаната (Фискултурниот дом) се насобра многу народ за да гопрослави денот на Октомвриската револуција, но и ослободувањето на Гевгелија.На прославатабеше донесена одлука – 7 ноември да биде прогласен за ден на ослободувањето на Гевгелија.
Ѓорѓи Каркалашев (авторот е историчар)
 
 
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.