ТРИФУН ГРЕКОВСКИ, ДОКТОРОТ КОЈ ДИПЛОМИРАЛ ВО ЖЕНЕВА И НА ДВЕ МЕЃУНАРОДНИ КОНФЕРЕНЦИИ ДОСТАВУВАЛ МЕМОРАНДУМИ ЗА СЛОБОДНА И НЕЗАВИСНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА.

WEB Телевизија во живо

Доктор Трифун Грековски постарите гевгеличани го познавале како мошне добар лекар и голем човекољубец, кој својата професионална дејност ја извршувал беспрекорно и со голема љубов. Дури во еден период од 1925 до 1935 година работел сам како лекар по општа медицина во овој град. Ја унапредувал здравствената заштита во Гевгелија и пошироко и има големи заслуги во искоренувањето на маларијата од Јужновардарскиот регион.
Но, малку е познато, дека овој македонски интелектуалец слободно може да се нареди и во плејадата на македонските родољубиви дејци, кој во дваесеттите години на минатиот век, живеејќи и работејќи во Женева преку конкретни активности, како член на Македонското студентско друштво во Швајцарија, го актуелизирал македонското национално прашање.
За откривање на оваа негова политичка активност уште долго време немаше да се знае, ако не беа познатите македонски историчари, академик Љубен Лапе и доктор Воислав Кушевски. Тие двајца „копајќи“ во Архивот на Друштвото на народите во Женева, открија драгоцени податоци за активностите на д-р Трифун рековски, како генерален секретар на Студентското друштво „Македонија“.
Но, на кратко, кој бил доктор Трифун Грековски?
Роден е во градот Ениџе-Вардар, Егејска Македонија, кој сега се вика Гјаница.. Основно училиште завршува во родниот крај, а потоа се запишува во Егзархиската гимназија „Свети Кирил и Методиј“ во Солун. Тука, учествува во бунтот на учениците во 1909 година кога требало да го полагаат матурскиот испит, а во 1912 со некои соученици формираат таен ученички кружок со револуционерно-анархистички цели, поттикнат од неговиот најстар брат Димитар, кој бил член на ВМРО со силни патриотски чувства.
Катастрофалните последици од Балканските војни горчливо го почувствува и Трифун и жителите на неговиот роден крај. Поради револуционерно делување, бил убиен таткото на Трифун, Костадин Грков. Не можејќи да ги поднесуваат тортурите на грчката власт, семејството Грековски решаваат да заминат од родното огниште. Мајката Ефимија и браќата Димитар и Томе се преселуваат во Гевгелија, додека Трифун, во 1913 година со брод и лажен пасош преку Џенова доаѓа во Швајцарија, во Женева.
Тука го завршува Медицинскиот факултет во 1920 година и се вработува како лекар по општа медицина во Болницата за детски болести во Женева, каде останува четири години.
Тие десет години поминати во Швајцарија , Грековски ќе ги искористи и за развивање на најразновидна политичка активност. Превзема различни акции, од кои две се вредни за споменување. Грековски има јасна претстава за националноста на Македонците кога вели
„Населението на Македонија не е ниту бугарско, ниту српско, ниту пак грчко, и затоа Македонците треба да имаат самостојна држава и самите да си владеат.“
Затоа, тој енергично и смело покрена иницијатива за поставување на Македонското прашање пред Друштвото на народите, сегашни Обединети нации, во 1919 година, при што во таа иницијатива тој пишува дека покрај правото на самоопределување, без праведно решавање на Македонското прашање за самостојност и независност на Македонија, не може да има мир на Балканот. На таа иницијатива, изложена од страна на италијанската делегација, остро се спротивставиле од страна на Кралството СХС и француските дипломати.
На 23 ноември 1920 година Грековски и група на македонски студенти ќе побараат прием кај членот на Секретаријатот на Друштвото на народите Пол Манту, со молба да помогне на Македонија околу решавањето на Македонското прашање, поврзано со неправедната поделба на македонската територија. Всушност тие барале ревизија на Мировните договори потпишани во Букурешт и Версај. Додека на почетокот на 1923 година Македонските студенти доставија меморандум до Конференцијата на Друштвото на народите со барање на Македонците за самоопределување и за слободна и независна држава. Но на самата Конференција, на тоа се спротиставил грчкиот претставник.
Како член на Меѓународното биро за заштита на правата на поробените народи, д-р Трифун Грековски на 28 јуни 1921 година подготви уште еден меморандум за македонското прашање кој му го врачи на високиот функционер на Секретаријатот на Друштвото на народите. Во меморандумот, меѓу другото се нагласува:
„Ние, Македонците, бараме неприкосновеното право на народите да се почитува… бидејќи македонскиот народ не е аморфна маса, ниту несложен колектив, како што многумина заинтересирани соседи се обидуваат тоа да го тврдат.“
Во Меморандумот се изнесени и дел од битките кои ги водел македонскиот народ низ историјата.На крајот од текстот се вели:„За секој оној што ја познава Македонија, вклучувајќи ги тука и припадниците на туѓите балкански држави, нема да биде тешко да сфати дека ние бараме прераснување на Македонија во независна држава, со што засекогаш ќе се стави крај на нејзината поделба меѓу балканските држави.“
На овој меморандум, нормално се спротивставиле делегатите на Кралството Грција и Кралството СХС.
Откако осознава дека за продолжување на борбата на Македонците преку меѓународни институции, Грековски во 1924 година се враќа во Ениџе-Вардар, но бидејќи за него немало работа како лекар поради посебниот однос на претставниците на грчката власт спрема Македонците, уште истата година, тој се сели во Гевгелија, која станува негов втор роден крај, каде ќе ја развива својата лекарска професија, во Општата цивилна болница.Во втората светска војна мобилизиран е и станал воен лекар, најпрво во Битола а потоа во кумановскиот крај..По војната, прифаќа да работи пет години во Битола, а потоа три години во Велес. Во 1954 година д-р Трифун Грковски се враќа во Гевгелија и станува управник на Здравствената станица која подоцна ќе се трансформира во Здравствен дом, каде ќе се пензионира во 1962 година. Почина на 9 јуни 1973 година, во неговата куќа на главната улица„од станица до граница“
Делото на доктор Трифун Грековски, ќе напише поетот Илија Карајанов, има алтруистички димензии. Во плејадата на ретките светилници на духот, делото на овој народен хуманист со космополитска определба, ги осмислува македонските извишувања кои имаат длабоки етички вредности…
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *