ИГОР КОЦЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АК „7-МИ НОЕМВРИ“:„ПОДГОТОВКИТЕ СЕ ПРИ КРАЈ, ГЕВГЕЛИЈА СО ТРКАТА „NOVEMBER RUN 2021“ ЌЕ ДОБИЕ ГОЛЕМ МЕЃУНАРОДЕН СПОРТСКИ НАСТАН.“

WEB Телевизија во живо

На точно една недела пред почетокот на првата улична трка во Гевгелија „NOVEMBER RUN 2021“ разговаравме со претседателот на Атлетскиот клуб „7-ми Ноември“, Игор Коцевски, околу тоа до каде се подготовките околу овој настан кој ќе се одржи во недела, на 7-ми Ноември, на Општинскиот празник.
„Подготовките се веќе при крај, ни изјави Коцевски, се подготвува бината што ќе се постави во близина на споменикот на Сава Михајлов, каде што ќе биде стартот и целта на самата трка, присутните ќе ги забавуваат музичкото дуо Chill out и Dj Lichen, ќе има и специјален гостин, кој го држиме во тајност, додека водител ќе биде популарниот Виктор Петров, Викса.
На трката ќе учествуваат 640 тркачи, од кои на 5 километри се пријавени 250, додека на 10 километри најавени се 360 тркачи. Мислам дека со овој настан општина Гевгелија не само што ќе добие своја Улична трка, туку ќе добие и Државно првенство на 10 километри и голем Меѓународен настан по примерот на многу Балкански и Европски градови.
Во тек се изработката на маичките, како и на медалите кои ќе ги добијат сите учесници на двете трки, кои ќе ги завршат своите настапи.
На самиот ден на трката, подготовката на стазата ќе започне рано наутро, околу 3 часот, кога нашите волонтери, заедно со општинските служби, Комуналното претпријатие и ОВР Гевгелија ќе ја подготват патеката за трчање.
Ќе има поставено заштитни огради, стартна порта, попатни станици за освежување со вода, штандовите на спонзорите.
Ништо не оставаме на случајноста, така да заедно со полицијата, со Противпожарната служба , возилото на Брзата помош, волонтерите на Црвениот крст и службата за обезбедување, ќе се погрижиме трките да поминат во најдобар ред и најдобра сигурност.
Коцевски не запозна со тоа дека маршрутата на трката е веќе одредена и усогласена со ОВР Гевгелија и сообраќајните полицајци и инспектори, а за сето тоа изработен е и Елаборат, во содејство со Одделението за урбанизам при Општина Гевгелија. Патеката е веќе измерена од страна на Таг тајминг и со помош на системите за следење на секој тркач ќе се знае точното време и местото кое тој го зазел. Комплетниот изглед на патеката ќе ја објавиме во вторник
Што се однесува до подигнувањето на тркачките пакети за секој учесник на трката, тие ќе може да се подигнат во просториите на Народниот театар во сабота од 12 до 19 часот, додека тркачите од другите градови истите ќе може да ги подигнат и на денот на трката, во недела до 8,30 часот.
Голема чест, но и одговорност за нашиот клуб е организацијата на оваа трка, вели Коцевски, особено што Атлетската федерација на Македонија ја вброи трката на 10 километри во Државното првенство, но со помош на нашите членови, сите спонзори, сите волонтери и општина Гевгелија сигурен сум дека ќе организираме настан кој ќе привлече голем интерес и кој се надеваме ќе стане традиционален.
Го запрашавме Коцевски како ги оценува овие две години постоење на АК „7-Ми Ноември?
Интересот за трчањето од ден на ден расте во нашата општина , вели Коцевски, така да формирањето на клубот дојде во вистински момент. До сега наши членови имаат настапувано на над 50 трки како во државата така и надвор од неа и од нив се враќале и со признанија. И покрја ковидот, добро сме организирани, сметам дека во иднина клубот, кој постои само две години ќе се развива со уште посилно темпо, а нашите членови ќе учествуваат на голем број на натпреварувања и од таму ќе се вражаат со освоени пехари и медали.
Во недела, како клуб го полагаме тестот за спремност да организираме ваков настан и се надевам дека успешно ќе го положиме и Гевгелија ќе ја претставиме во најдобро светло, заврши Коцевски.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *