ОБЈАВЕН РОМАНОТ „АНАТОМИЈА НА БУМБАРОТ“ ОД СТЕФАН МАРКОВСКИ

WEB Телевизија во живо

Романот „Анатомија на бумбарот“, веќе објавен на англиски јазик и достапен во електронска и печатена верзија на платформата „Амазон“ каде годинава беше и прворангиран во категоријата Источноевропска литература за Киндл, е мешавина од гротеска, хумор и егзистенцијалистичко преиспитување зачинета со возбудливи трилер елементи.
Во наративот, како што во поговорот пишува Александар Прокопиев, прогресира една примамлива, куриозитетна, откачена, убаво и сочно раскажана приказна раслоена во делови кои во себе носат и гнев и пркос, од една, и хумор и гротеска од друга страна, и сериозност од една, и игра од друга страна, и индивидуалност и загриженост за општочовечкото а во спрега со судбината на својата земја, и пред сѐ, разочарување кое и во најбуквална смисла експлодира во револт кој со себе ги носи политичарите и општествените моќници како „потрошен материјал“ со секогаш предвреме истечен рок на употреба.
Третиот роман на Стефан Марковски покренува внатрешна револуција во секој кој ќе го чита, наметнувајќи повеќе егзистенцијалистички прашања и преиспитување на животот во потрагата по сопственото место во него. Раскажана од две перспективи – машка и женска, оваа приказна е како сложувалка во која на крајот ќе се состават сите делчиња.
Ќе ви стане јасна поврзаноста на историчарот и уметник Илија и неговата жена Инес. Извонредни книжевни постапки, неверојатно добри приказни и ехо на егзистенцијалната мака во заднина. Раскршеноста на нашето доба рефлектирана во неправедните животни борби е сеприсутна во психологијата на протагонистот, која во себе носи преобразби, премавнувања, разочарувања, но во ниеден случај не и пасивен однос кон светот, туку го тера идеалистот храбро, но и низ една гротеска што ја рефлектира неговата омаловажувана стварност да ги отскокне скалилата на својата ограниченост, придонесувајќи да се внесе во друг облик на борба, правејќи од него – атентатор.
Борбата е клучот, а како што е раскажано и овде, потажна од смртта е само изгубената борба. Ова е роман за разочарувањето и силите потребни за непомирливиот уметник да го совлада.
„Не се распрашував околу деталите за истрагата на убиството. Од малку поинакво гледиште од она што го имав пред да посегнам по животот на рекетарот-лихвар, би додал дека го извршив на некое не превисоко ниво на извршување над она на кое убиството би се нарекло аматерско и клучните две околности за моето неоткривање веројатно беа фактот што во тој дел од денот немаше буквално никого ниту на споредната уличка ниту на соседните два паралелни сокаци кои ја омеѓуваа (и ако некој воопшто би можел да се појави како сведок, би го сторил тоа во полуразбудена состојба) и непостоењето сосема дефинирано видно поле, со оглед на далечината на куќите и потенцијалните сведоци. Надежта, во случајов дека ќе научам нешто суштинско за оваа работа со првото убиство, уште еднаш е престигната од самите ограничености кои ги носи реалното искуство“, пишува Марковски во книгата во издание на Паблишер.
Промоцијата ќе се одржи во сабота (11.09) во 17 часот на Саемот на книга.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *