ИЗЛОЖБА НА КАРИКАТУРИ НА ТЕМА КОРОНА ОД МИЛЕ МАНЧЕВСКИ ВО ГЕВГЕЛИЈА

WEB Телевизија во живо

Изложба на карикатури на тема корона од авторот Миле Манчевски од Велес, ќе биде отворена во Пионерскиот дом „Јосип Броз Тито“ во Гевгелија, во среда, на 14 јули, со почеток во 20 часот.
Миле Манчевски е еден од водечките карикатуристи во Република Македонија. Автор е на повеќе од две илјади карикатури и учесник на преку сто групни и самостојни изложби во државава и светот. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу нив и државната награда „Наши достигнувања“ и „Гранпри“ на „Студентски збор“. Објавувал свои дела во најтиражните весници во Република Македонија и на просторите на поранешна Југославија.
Карикатурите на Манчевски биле презентирани во Јапонија, Канада, Куба, Турција, Холандија, Италија, Белгија, Србија, Хрватска, Романија, Полска, Бугарија, Кина, Словачка, САД, Словенија, Бразил, Кореја…
Оваа изложба авторот им ја посветува на сите здравствени работници.
Изложбата, која е посветена на сите здравствени работници, ќе ја отвори М-р Мирјана Крстева Массети, која за карикатурите на Манчевски ќе каже-
„Семантичкото поле на карикатурата е виножито од феномени- хумор, пародија, сатира, иронија. Тогаш кога застана се, визуелизираните идеи на Миле Манчевски беа оригинален подарок. Карикатурата како инструмент за комуникација во време на корона е неверојатно блескав момент. Истражувањата на карикатурата се интердисциплинарни, навлегуваат во повеќе области, една од нив е историјата. Така, Манчевски ја исцрта, на свој начин, историјата за едно време наречено корона. Мултимодалниот дискурс, визуелната анализа како методи за проникнување во овој жанр иницираат силна синтетизирана порака. Карикатурата на Манчевски динамично кореспондира со менталниот конструкт на реципиентот, таа е забавна, хумористична, оригинална.“
Крстева-Массети ќе го пренесе и она што кажаа за оваа изложба, Д-р Љупка Урумова – Проле, раководител на Детското одделение во Општата болница во Гевгелија :
„Облекуваме скафандер… влегуваме во една мрачна, чудна, непредвидлива и тажна година.
Со фенер во раката го осветлуваме она парче душа кое ни вели можеме…мораме да успееме. Да тоа е главното оружје-знаење, професионалност, труд, непоколебливост.
Не бараме награда, аплаузи само малку почит за сите кои своите животи ги оставија на работните места.
Ова е за сите нас. Ова е најголемата благодарност и подршка преточена преку карикатурите на господинот Миле Манчевски.
…STAY POSITIVE AND TEST NEGATIVE…!!!“
како и на Јован Узунов,Доктор на медицина Гевгелија
„Желба на секој здравствен работник е насмевка и задоволство на лицето на пациентот. Мисијата која ние лекарите ја исполнуваме се состои во секојдневна борба, ангажираност и неуморно помагање. Сите нормални процеси во светот наеднаш беа пореметени како резултат на “нешто“ за кое прв пат слушнавме на ТВ, а кое ни излгедаше премногу далечно. За брзо време влеговме во нов ритам на живот. Пандемија, маски, дезинфекција, растојание, чекање во ред..
Изминатата година беше исполнета со глобална вознемиреност поради пандемијата со КОВИД19. Сите ресурси почнаа да се намалуваат, а ние бевме во трка со времето и во борба со невидливиот непријател наречен SARS-CoV-2, за кој не знаевме ништо. Борбата ја водиме и денес, заеднички, сплотено. Се надевам дека човековото достигнување ќе биде доволно силно за да на крај, сите заедно издвоиме победа и се вратиме на “нормалниот“ начин на живот.
Голема поддршка за сите уметници кои творат и создаваат низ времето, воедно и благодарност и поддршка до Миле за настанот.“
Мое Хаику за крај:
Плачот светски што
едно време тлееше,
сега е смеа.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *