ТВ НОВА 12

Вести во Гевгелија и пошироко

ОМД ЗА ИЗВРШНАТА НАРЕДБА НА БАЈДЕН И ТРИГОДИШНИНАТА ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

Денес, 17-ти јуни, се одбележува 3-годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, договор кој огромното мнозинство на Македонци во целиот свет смета дека им е наметнат на противзаконски па дури и измамнички начин. Обединетата македонска дијаспора (ОМД), како водечки глас на Македонците во странство, ќе продолжи да се обраќа на татковината како Република Македонија – со името определено од огромното мнозинство од нејзините граѓани и дијаспората на референдумот во 1991 година.
Од неговото спроведување, Договорот од Преспа ја продлабочи систематската дискриминација на Македонците, не само во Македонија, туку и во Грција, Бугарија и други земји. И покрај наводните уверувања дека македонскиот идентитет ќе биде заштитен со Договорот од Преспа, несоодветната употреба на придавката „северномакедонски“ (измислена ознака што не е содржана во Договорот од Преспа) неконтролирано се употребува низ медиумите и меѓу владините и невладините субјекти во текот на последните три години. Покрај тоа, говорот на омраза и малтретирање на Македонците на социјалните мрежи се интензивираше, без да има соодветна реакција од гигантите на социјалните медиуми како Фејсбук, Твитер и Инстаграм против антимакедонски коментатори и агитатори.
Неодамна, пласирањето на Македонија на ЕП 2020, собра дискриминаторски и коментари полни со омраза во бугарските и грчките интернет портали. И покрај тоа што МКД е официјална скратеница според Меѓународната организација за стандардизација и Договорот од Преспа, грчкото Министерство за надворешни работи и грчкиот министер за спорт пишаа на УЕФА со барање ова да се промени. Ваквите постапки докажуваат дека и покрај тоа што Македонија го смени името, Грција ќе продолжи да предизвикува пречки за својот сосед. ОМД верува дека Договорот од Преспа ги охрабри Бугарија и Грција да го овековечат и засилат негирањето на основните човекови права и верски слободи на нивните македонски малцинства.
Во ваква ситуација, на 8 јуни 2021 година, претседателот Џо Бајден издаде нова Извршна наредба (И.Н.) за Западен Балкан, проширувајќи ја И.Н. на претходните администрации со вклучување на Договорот од Преспа. Иако И.Н. се однесува на значителниот криминал и корупција во Југоисточна Европа, таа исто така е разочарувачки двосмислена и широка по своите термини. ОМД чека појаснување од Белата куќа, Министерството за финансии и Стејт департментот за тоа како овој И.Н. ќе влијае врз граѓаните на Соединетите држави (САД), двојните американско-македонски граѓани и американските субјекти, во контекст на нивното загарантирано право на слобода на говор според 1-виот амандман на Уставот на САД. Слично на тоа, слободата на говорот е заштитена според член 16 од македонскиот устав, обезбедувајќи им на македонските граѓани право да ги искажуваат своите мислења јавно и отворено. Во очекување на официјално појаснување на владата на САД, Македонците изразуваат загриженост дека И.Н. може да се искористи за да се задуши јавната дебата и нивните основни човекови права.
Во меѓувреме, Бугарија продолжува да опструира во рамките на Европската унија (ЕУ), барајќи неправедно Македонија да ги ревидира својата историја, идентитет и јазик, за да влезе во ЕУ. За жал, Самитот на ЕУ следната недела не и носи многу надеж на Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори, бидејќи сè уште е заглавена во чекалната од 2004 година.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.