За време на погребот неговиот ковчег бил покриен со знамето на Македонската колонија во Русија, изработено во 1914 година, а на крстот неговиот син ги испишал зборовите:
„Борец за правата и слободата на македонскиот народ“,
Димитрија Чуповски (Папрадиште, Велешко, 8. XI 1878 – Ленинград, СССР, 29. Х 1940) – е македонски деец, еден најистакнатите афирматори на македонската национална мисла. Димитрија Димов Чуповски за време на својот живот се сретнува како поет, публицист, редактор, книгоиздавач, картограф, историчар, лексикограф и културен деец кој ги основал и бил претседател на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург (1902–1917), потоа на Словеномакедонското национално просветно друштво „Св. Кирил и Методиј (1912–1913), член и основач на Руско-македонското благотворно друштво „Св. Кирил и Методиј (1913–1914) и член-основач и претседател на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград (1917–1924). Исто така, бил потпретседател на Друштвото за помош на почетниците литератори, артисти, уметници и научници на Русија (1915) и редовен член на Санкт-петербуршкото словенско благотворно друштво, на Друштвото за словенска заемност и на други руски асоцијации. Димитрија Чуповски ќе остане забележен во историјата како еден од најголемите борци за самобитноста на македонскиот народ како и за обединувањето на Македонија и конституирање во национална држава на македонскиот народ.
Димитрија Чуповски е роден на 8 ноември 1878 година во угледно семејство на македонски револуционери – автономисти, во селото Папрадиште, Велешко. Роден е како посмртче, по убиството на татко му од страна на албански платеници. Откако неговото село било изгорено од албанските качаци, на десетгодишна возраст се сели во Крушево, родното место на неговата мајка. Се школува во родното село и во Крушево, каде го научил и молерскиот занает.
За подобро запознавање до македонското прашање и желбата на Македонците за своја слободна држава, во март 1913 година ја објавува првата карта на македоноски јазик во боја „Карта Македониіа“ и заедно со Меморандумот на Македонците од 1 март 1913 година ги праќа до Лондонската конфереција и до рускиот печат. Три месеци потоа, на 7 јуни 1913 година потпишан е „Меморандум на Македонците“ кој е испратен до владите и јавноста на балканските држави, а веќе на 9 јуни 1913 година се појавува и првиот број на списанието „Македонскiй голосъ“ („Македонски глас“).
Двата меморандума на Македонците од Петроград, покрај тоа што беа упатени во Лондон, Софија и Атина, беа објавени и во списанието „Македонски глас“, во тоа време единствено гласило на македонскиот народ. Списанието „Македонски глас“, кое Чуповски и МНДЛ го издаваат на руски јазик, е најзначајна периодична публикација на македонската национална мисла. Ова списание кое до 20 ноември 1914 години е отпечатено во 11 броја, преставува важен и единствен историски архив за борбата на Македонците за зачувување на територијалната целост на Македонија и за извојување на националната слобода на Македонците.
Борбата за самостојност и за национална држава на македонскиот народ на Димитрија Чуповски не престанува се до неговата смрт. Подготви македонско-руски речник, кој нестигна да го заврши, а пропаѓа заедно со ракописот на лексиконот за историја, етнографија, јазик, фолклор и културата на Македонија во бомбардирањето на Ленинград во 1942 година. Умира на 29 октомври 1940 година во Ленинград.