ЕДНА ГОДИНА ОД ИСПОМОШТА ВО ГОБ „8-МИ СЕПТЕМВРИ“ МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ДАНИЕЛА УЗУНОВА, ГАБИ ИВАНОВСКА И СУЗАНА ЧАКАЛОВА ВО ЕДЕН ГЛАС -„НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ МЕДИЦИНСКИОТ „МАРАТОН“ 2020“

WEB Телевизија во живо

Трите медицински сестри од Општата болница со проширена надлежност од Гевгелија, Даниела Узунова,Габи Ивановска и Сузана Чакалова, на барање од Министерството за здравство поради недостиг на кадар, од страна на директорот Митко Крџев, точно пред една година беа испратени во ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Во екот на најжестоката битка со страшната пандемија, тие им се придружија на другите медицински лица од јавните здравствени установи низ земјава во напорите за успешно справување со Ковид-19. Во ГОБ „8-ми Септември“, минатата година изротираа 15 медицински сестри од Општата болница со проширена дејност од Гевгелија.
Кога деновиве ги побаравме за да го чуеме нивното мислење за тоа како, од едногодишна дистанца гледаат на времето поминато во ГОБ „8-МИ Септември“, како им беше кога за прв пат влегоа низ вратите на ковид болницата,, имаа ли одредена доза на страв, бидејќи се работи за непознат и исклучително инфективен вирус, сите три, ни го кажаа истото
„ Кога прв пат влеговме да даваме дежурство, после кусата обука, ни се чинеше дека влегуваме во самиот пекол и дека учествуваме во една маратонска здравствена битка со опасниот вирус, во која битка се вложивме себе си и сето наше знаење, беспоштедно, со последниот атом на силата да спасиме, ако можеме, што повеќе човечки животи, и да ги оттргнеме од канџите на смртта. Имаше пациенти од сите возрасти. Нашата работа, велат тие, како и во секое друго одделение,беше да се грижиме за нив. Беа тоа морничави и бескрајни денови и ноќи, кога гледавме пациенти кои буквално се бореа да земат здив,да и „побегнат“ на корона прегратката. Тогаш, секоја од нас, не мислеше на себе и своето здравје, често трчавме да помогнеме на сите оние седумдесеттина тешко заболени пациенти, заборавајки дека освен маската и мантилот ја немаме облечено целата заштитна облека. Со единствена цел да бидеме побрзи од смртта. Кога ќе оздравеше некој од пациентите, се радувавме како мали деца, но најтешко психички и емотивно ни беше кога го губевме пациентот и кога тој ни умираше во нашите раце. Тогаш проработуваа емоциите, и пуштајки солзи, се прашувавме со нем поглед зошто мораше да биде така.
Зошто мораше оваа налудничава пандемија на многу наши семејства да им ги одземе најмилите, зошто и многу наши колешки и здравствени работници ја изгубија битката со ковид-19. Тие ги нема, но остануваат за секогаш во нашите мисли. Не можеме да си го дадеме одговорот на ова, но можеме да кажеме дека сите ние, медицинските сестри, докторите и другите здравствени работници бевме оние тивките херои кои успешно , без да се предаваме, ја поминавме сета таа голгота и успешно го истрчавме едногодишниот здравствен маратон. Би посакале ова никогаш повеќе да не се повтори. Но, доколку е потребно, повторно сме подготвени да го трчаме истиот маратон, со една цел, да ја добиеме конечно битката со оваа пандемија

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *