TI MULTSA ANJ DZUA NACIONALE ARMANJLOR !ЧЕСТИТ ДЕН НА ВЛАСИТЕ – 23 МАЈ !

WEB Телевизија во живо

Влашката заедница во земјата денеска го прославува 23 мај –Националниот ден на Власите, кој со Законот за празници од 2007 година е и државен празник и неработен ден за припадниците од влашката заедница.
Со одлука на Лигата на Власите и другите влашки граѓански здруженија, во 1991 година овој ден е прогласен за Национален ден на Власите од целиот свет.
 
На 23 мај 1905 година султанот на Турското Царство, Абдул Хамид Втори го издал „Ираде” (султановиот декрет) со кој на Власите им биле доделени национални права во Отоманското Царство, можност за избор на свои “муктари” (градоначалници), можност за настава на влашки јазик во училиштата и богослужба на влашки јазик во црквите.
 
Република Северна Македонија е прва, засега единствена земја каде Власите се признати со Уставот како заедница, односно како дел од влашкиот народ кој е распространет на Балканскиот Полуостров и имаат право на граѓанско и политичко организирање, емисии на влашки јазик на Македонската национална радио и телевизија, имаат право на изборно изучување на предметот „јазик и култура” на Власите во училиштата, издаваат книги, списанија и организираат разни културни манифестации.
 
Според податоците од последниот попис во Македонија,во 2002 година во земјата има околу 9.000 Власи, а во општина Гевгелија беа регистрирани 214 граѓани кои во графата за националност се изјасниле како власи.
По прогласувањето на Гевгелија за град во 1885 година, во Гевгелиската околија, иако доста оддалечени, влегле и мегленските влашки населби: Ума, Бериславци, Лугунци, Ошин, Н’те, Љумница и други. Од тогаш некои поединци или семејства почнале да се доселуваат во градот Гевгелија.
 
Бидејќи биле малубројни и православни христијани, потомците на овие доселеници ги посетувале месните училишта во коишто се школувале на македонски народен јазик, а богослужба слушале на црковнословенски јазик. Дома си зборувале на својот мајчин јазик, кој што претставува една посебно мегленско наречје со примеси на латински, словенски, грчки, турски и други зборови. Како вредни и работливи луѓе се стекнале со свои земјоделски имоти во околината на градот и живееле од својот труд. Во 1870 година бројот на вкупното население изнесувал околу 1.610 жители, од кои 1.257 Македонци, 250 Турци, 103 Власи, предимно доселени од Влахо-Мегленската област.
 
Рајко Жинзифов , Браќа Манаки, Тоше Проески, Питу Гули, Бранислав Нушиќ, Михајло Пупин, Херберт фон Карајан.. се само мал дел од познатите личности кои имаат влашко потекло.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *