ИТНА ПРОВЕРКА ЗА ТОА КОЈ УВЕЗУВАЛ ВО МАКЕДОНИЈА ТОКСИЧНО ОТПАДНО МАСЛО КАКО МАЗУТ

WEB Телевизија во живо

Високото загадување во земјава се криело зад тони опасно гориво кое лажно се прикажувало како мазут. Него го користеле и државни институции. Станува збор за седум болници, ЈСП Скопје, Министерството за одбрана и Македонски железници. Проблемот лежи во царината. ТВ сторијата на редакцијата Истражувачка репортерска лабораторија открива дека кичевската фирма „Евротим“ снабдувала институции со наводен мазут, кој всушност бил отпадно масло кое го загадува воздухот.
 
Владата на Република Македонија на вчерашната седница дискутираше и ја оцени како вонредна и итна информацијата објавена во јавноста од страна на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и како што објави ИРЛ се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава.
Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, односно да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот и дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.
 
Државен пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтените деривати веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.
Владата го задолжи и Државниот инспекторат за животна средина да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати.
 
Како заклучок за оваа точка е и задолжението за Министерството за економија да се побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.
Како последен заклучок Владата наложи сите институции опфатени со овие задолженија контролите да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени во рок од 14 дена.
 
Владата редовно ќе ја информира јавноста за сите нови информации поврзани со увозот на нафтените деривати за кои беа изнесени сомневања.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *