ИН МЕМОРИАМ: ЗАМИНА АЛЕКСА ТРАЈКОВ, ПРАВНИКОТ КОЈ БЕШЕ ВЉУБЕНИК ВО МУЗИКАТА И СПОРТОТ
Вчера се простивме за последен пат од Алекса Трајков, сограѓанин, правник, спортски работник и музичар. Замина ненадејно, после кратко но тешко боледување.
Роден во Стојаково, по завршувањето на Правниот факултет во Скопје, доаѓа во Гевгелија каде работи во својата адвокатска канцеларија.
Се вклучува во спортскиот живот и долги години ја извршува функцијата секретар на ФК „Кожуф“. Љубовта кон музиката го исполнува неговото слободно време како член на една од најстарите и најдобри фолклорни групи „Распеани гевгеличани“. Со нив учествува и добива голем број награди на фестивали во земјава и во странство, пренесувајќи го така фолклорното богатство на овој наш крај.
По заминувањето во пензија, се вклучува во работата на Здружението на пензионери во Гевгелија, каде е претседател на Комисијата за култура и Комисијата за статутарни и правни прашања. Раководи со женската пејачка група на Здружението на пензионери, свири во пензионерскиот оркестар и редовно учествува на манифестацијата „Пензионерите пеат“.
Со неговата прерана смрт, неговото семејство изгуби посветен сопруг и родител, неговите пријатели изгубија човек кој секогаш беше подготвен за другарување и да помогне таму каде ќе затреба, а Здружението на пензионери, вреден и посветен член кој можеше уште многу да пружи во работата која ја извршуваше.