ЗАФИР ЧУЧАНОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КК „КОЖУВ“:

„КК „КОЖУВ“ БИЛ И ЌЕ БИДЕ СТАНДАРДЕН ПРВОЛИГАШ. НАША ВИЗИЈА Е НАСОЧУВАЊЕ КОН МЛАДИНСКИТЕ ШКОЛИ И СОЗДАВАЊЕ КОШАРКАРСКИ ТАЛЕНТИ“
 
1. Новата 2022 година КК „Кожув“ ја дочека со нова Управа и со нов тренер. Како нов Претседател на клубот може ли да ни кажете во каква ситуација го затекнавте клубот?
– Пред се би сакал да се заблагодарам на Вашиот медиум и на Вас за одвоеното време . Ситуацијата во клубот беше катастрофална со неисплатени плати, долгови кон сите правни субјекти од кои клубот користи услуги и многу други работи. До сето ова дошло затоа што не се работело домаќински во клубот или народски кажано “се јадело бифтек а немало за омлет”. Заради сите претходни случувања моментално имаме намален буџет за работа во однос на претходните години. Затоа барам трпение од сите, затоа што за целосна стабилизација на клубот треба време во кое ќе ги решаваме наследените проблеми и ќе ги реализираме тековните планови за да имаме еден успешен кошаркарски клуб во нашиот град.
2. И вие и спортскиот директор, Драган Лазаровски, сте поранешни кошаркари и сте ја започнале кариерата во КК „Кожув“. Како, онака од страна, изминатата година гледавте на слабите резултати на овој клуб, кој е гевгелиска гордост, а можеше да се случи и да испадне од лигата. Се нервиравте ли онака во себе?
 
– Да, јас и Драган потекнуваме од К.К. Кожув, почнувајќи од најмладите категории па се до сениорскиот тим. Разликата од времето кога ние игравме и сега е огромна. Во времето кога игравме ние имаше малку повеќе емоција и љубов кон кошарката и не се мислеше на материјалното, додека сега е обратна ситуацијата. Изминативе години освен слабата игра на кошаркарите во клубот, имаше и погрешниот пристап во водењето на истиот. Еден клуб неможе да функционира само со странски играчи без да се направи база од домашни играчи, за кои е потребен процес од неколку години за да можат истите да играат во првиот тим. Не ми се допаѓа тоа што биле запоставени младите категории.
 
3. Според вас, кои се главните причини за така слабите резултати на „Кожув“ во 2021 година, кога се знае дека овој тим играше во финалето плеј офот во 2013 години, а цела декаде беше стандарден учесник во супер лигата ?
– К.К. Кожув бил и ќе биде стандарден прволигаш. Резултатите од претходните години се реалната слика на клубот без разлика дали на нас ни се допаѓа или не. Разликата е во тоа што претходните управи премалку се залагале за создавање на домашни играчи а трошеле премногу финансиски средства на странски кошаркари. Причини за слабо играње на еден тим има премногу и за нивно анализирање ни треба повеќе простор и време.
 
4. Која е вашата визија, како Кожув повторно да се врати на победничките патеки?
Нашата визија е насочување кон младинските школи, создавајќи можност на младите да развијат подобри морални и етички вредности, но и социјални вредности во кои спаѓаат самодисциплината, почитување на правата на другите, создавање на нови пријатели и се разбира фокусирање на работа во нивните физички способности а тоа се брзина, сила, издржливост, координација, флексибилност и агилност. Во моментов К.К. Кожув има две младински категории и тоа М16(2006/2007) и М18(2004/2005), па затоа во периодот што следува ќе формираме уште две младинси категории и тоа М12(2010/2011) и М14(2008/2009) и истите ќе ги пријавиме за такмичење во федерацијата од следната година. Начинот на нивната едукација ќе биде поразлична од претходните години бидејќи со нив ќе работи стручен кадар формиран од кондиционен тренер и главен тренер. Исто така доколку ни дозволат условите во план ни е да одржиме летен камп за млади категории во Гевгелија кој би бил специфичен по својата содржина и се надевам да стане традиција од каде што ќе излезат нови кошаркарски таленти на кои ќе се гордееме сите. Повторно ќе напоменам за сето ова мора да се создадат услови. Би ја искористал оваа можност да ги повикам сите родители чии деца имаат желба да тренират кошарка, да не контактираат и со тоа да придонесеме заедно нашите деца да станат подобри граѓани во нашето општество.
 
5. Дали ќе одите на варијантата на купување на играчи од страна или пак ваша стратегија ќе биде давање шанса на „домашните“ играчи, и ставање акцент на посериозна работа со кадетите на Кожув?
– Од самото наше преземање можете да забележите дека домашните кошаркари имаат поголема минутажа а тоа ви кажува и која е нашата цел. Како и секој друг прволигашки клуб, така и ние имаме право на четири странски играчи и истото го користиме за поголема конкурентност на теренот и задоволување на дефицитот од домашни кошаркари. Но да напоменам ова го правиме по основ на буџетските можности и моменталниот играчки кадар. Би бил најсреќен доколку имаше 12 кошаркари од градот кои се во можност да играат во првата лига. Но ситуацијата е друга во моментов и заради тоа нашиот фокус е работа со младите категории.
 
6. Каква е поддршката од Општина Гевгелија во исполнување на сите ваши замисли за тоа како во иднина ќе се развива клубот?
– Нашиот фокус во иднина ќе биде работа и едукација на млади кошаркари преку професионални тренинзи, кошаркарски кампови и се разбира создавање на услови за стабилен прволигашки тим. Би ја искористил оваа можност да се заблагодарам за подршката која ја добиваме од општината бидејќи ја подржа нашата визија за кошаркарскиот клуб,а тоа е развивање на млади таленти.
 
7. Со нов тренер и нова Управа, може ли гевгеличани, а особено навивачите да очекуваат во наредните неколку години КК „Кожув“ повторно да игра значајна улога во нашето првенство, но и да почне да создава свои талентирани играчи?
– Сигурен сум дека со програмата која што ќе ја инплементираме во младинските категории ќе потикнеме поголема ангажираност и професионалност од младите, а сето тоа ќе придонесе за создавање на талентирани играчи на кои ќе се гордееме. Повторно ќе кажам К.К. Кожув бил и ќе биде стабилен прволигаш, а се надевам во годините што доаѓаат ќе игра значајна улога во нашето првенство. Би сакал од мое и од име на управата да се заблагодарам на навивачите на К.К. Кожув кои несебично го подржуваат клубот сите овие години и се надевам тоа ќе продолжи во иднина.
Ви благодарам на разговорот и ви посакувам успех во работата која ве очекува во наредните месеци.
– Ви благодарам

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *