Со свечена литургија, молитва и свеќа за здравје и бериќет, православните христијани го одбележуваат големиот празник Успение на Пресвета Богородица, попознат кај народот како Голема Богородица.
Според христијанската традиција, на овој празник се принесуваат дарови за здравје пред големата икона, а се зема и светена вода. Богородица била почитувана не само од христијаните туку и од муслиманите и кон неа сите упатувале молитви за исцелување, здравје и бериќет.
Именден празнуваат: Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана…
Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. По раѓањето на Исус Богородица живеела уште 48 години, извесен период кај старателот Јосиф, со синот Исус, а по неговото распетие и воскрeсение кај неговиот ученик и апостол свети Јован Богослов. За сето тоа време таа била директен сведок на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.
По сопствена желба Богородица била погребана во Гетсиманската градина, каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и на свршеникот (старателот) Јосиф. За време на погребот светиот апостол Јован ја носел рајската гранка пред погребната поворка, апостолите го носеле телото на Богородица, а над нив се слушало пеењето на ангелите.
За подостоинствено празнување на овој празник му претходи двенеделен пост што започнува на 14/1 август, односно на празникот Св. седум маченици Макавејски
Низ цела етничка Македонија во манастирите или црквите што го носат името на Пресвета Богородица на празникот Мала Богородица се одржуваат масовни народни собири. Така е крај манастирот во Матка крај Скопје, кај црквата во центарот на Скопје, во Лешочкиот манастир крај Тетово, во Берово, и на повеќе други места.
И во црковните храмови во Општина Гевгелија денес се одржуваат свечени литургии, а во црквата Свети Кирил и Методиј пееше градскиот хор Гортинија.