„ВКУСИ ГО ЈУГОТ“(TASTE THE SOUTH), ПРВ ФЕСТИВАЛ НА ХРАНА И ПИЈАЛОЦИ ВО ГЕВГЕЛИЈА, ЗАЧИНЕТ СО ДОБРА МУЗИКА!

Го прашавме организаторот КРАФТ ПРОДУКЦИЈА ДООЕЛ-СКОПЈЕ, која е целта на овој фестивал, кој се ќе настапи од музичарите, и каде тој ќе се одржи. 
 
Еве ги одговорите.
Во најтоплиот и најгостопримлив град во Македонија, Гевгелија, од оваа година се раѓа еден нов фестивал, по урнек на сличните кои се организираат во поголемите градови во нашата држава. Се работи за Фестивал на храна и пијалоци, карактеристични за овој дел на нашата земја, насловен како „TASTE THE SOUTH” или „Вкуси го југот“, кој ќе се одржи во Гевгелија на 15-ти, 16-ти и 17-ти септември.
Фестивалот ќе биде во организација на КРАФТ ПРОДУКЦИЈА ДООЕЛ-СКОПЈЕ, организатор на „Пиволенд“ во Скопје, на „ВиноСкоп“, во Скопје, на „Баскерфест“ во повеќе градови во Македонија, „Охрид Вино фест“ во Охрид и други настани во државата.
 
1.Која е целта на одржувањето на овој фестивал на југот од Македонија?
Првичната цел на фестивалот е збогатување на културно-уметничката програма на Гевгелија и регионот како и промоција на домашното производство на уникатни и автентични гевгелиски и регионални производи и содржини. Втора и не помалку важна цел е промоција на Градот Гевгелија во Република Македонија но и надвор од границите, односно градење на препознатлив бренд на манифестација која ќе биде заштитен знак на Југот налик на другите веќе традиционални фестивали и настани во Македонија, Европа и светот.
 
2.Какви содржини се предвидени во трите дена на фестивалот?
Фестивалот е поделен во неколку сегменти, најпрво изложбениот каде во повеќе од 20 големи шатори очекуваме повеќе од 50 изложувачи меѓу кои има производители на пијалоци, храна како и ракотворби и уметнички предмети со кои ќе се презентираат локалните производители, потоа имаме и голема музичка сцена со повеќе од 20 изведувачи, детска програма со забавувачи кловнови и магионичари, неизбежна секако е забавата со песните од детскиот фестивал „Калинка“. Интерсно е тоа што ќе има и дефиле и изложба на Олдтајмери од повеќе клубови од Македонија како и еден клуб од Србија.
 
3.Кои музички имиња ќе бидат задолжени за забавниот дел од програмата?
Музичката програма ќе започне со официјалното започнување на фестивалот во 18:00 часот во петок на 15-ти септември, а првиот ден посетителите ќе уживаат во настапот на КУД Бојмија, звукот на Инфузиона 2 ( бенд од Шпанија) кои традиционалната шпанска музика ја фузираат со модерни ритми, потоа следи настапот на етно бендот Баклава, легендата на македонската народна песна Миле Кузмановски, а вечерта ќе заврши со настап на Драган Спасов-Дац и Александар како и Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд.
Во сабота, фестивалот ќе започне порано, односно попладне со дефилето на олдтајмерите за да продолжи со КУД Кавадарци, гостите од Шпанија – Инфузиона 2,Ристо Стојанов, Фониа (млад бенд од Гевгелија), познатиот Пајак, миленикот на младата публика, легендарните Куку Леле, како и можеби моментално најпопуларните македонски изведувачи ДНК и Некст Тајм.
Во недела е детската програма, која ќе започне од 12:00 часот и трае до 18:00 часот со песни од детскиот фестивал Калинка, ученици од школото за гитара на Коце Динев од Зијан и ученици на школото за тапани на Моки, танчерската група „Мистик денс“ и Еуро Форца фест клуб, потоа вечерта продолжува со настап на Фолклорно студии Етнос, групата Инфузиона 2, гевгелискиот состав Моки Марија и Крџе, Анета Ристова Василева, енергичните Брас Брадрс, како и легендарните Ареа и Суперхикс.
Водител на манифестацијата ќе биде Актерот Сашко Коцев, а не смееме да не го споменеме и настапот на гевгеличанецот Дејан Малзарков – Диверзија кој ќе настапува секој ден со свое стенд ап хумористично шоу.
Воглавно многу шаренолика и богата програма со која се надеваме дека ќе биде погоден вкусот на секој посетител на фестивалот.
 
4.Каде ќе се одржи фестивалот,на која локација и дали ќе се наплаќа влезот?
Манифестацијата ќе се оддржи на спортското игралиште кај ООУ Владо Кантарџиев кое ја нуди потребната ширина и е идеално за ваква голема манифестација. Влезот ќе биде бесплатен и сите заинтересирани се добредојдени.
 
5. Дали е познато кои локални фирми и фирми од поширокиот регион ќе имаат свои штандови?
Сеуште не можеме да ја соопштиме целосната листа на учесници затоа што секојдневно се пријавуваат нови компании и физички лица кои се производители. Општо речено тоа се производители на вино, ракија и разни пијалоци, потоа на мед, слатко од смокви и слатки деликатеси, сувомеснати производи, подготвено јадење но предвидено е да се претстават и ресторанти и локали од услужните дејности од Општина Гевгелија. Исто така ќе има и многу артисти кои понудат предмети од рачна изработка, како и уметнички дела.
А, еве што ни изјави популарниот Игор Џамбазов, кога го запрашавме со какви чувства доаѓа во Гевгелија и Стојаково, за кого секогаш вели дека е центарот на Македонија:
„ Драги мои Гевгеличане. Со голема радост го очекуваме 15-ти септември, за да се дружиме. И не се вика Стојаково, туку Стојакво.
Ќе направиме избор од стари хитови и песни од новиот албум што го објавивме со Гуру Харе – Првите 30!
За сите што го набавиле албумот ќе го потпишеме со Гуру Харе. Очекувајте добра забава на 15-ти!
Се гледаме.
И обавезно ќе ја отсвириме „Стојаково блуз“
За повеќе детали заинтересираните може да ја посетат фан пејџ страната на фестивалот https://www.facebook.com/profile.php?id=61550626975454…

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *