ВЕЧНА ТИ СЛАВА, ВОЈВОДО!

НА 2 СЕПТЕМВРИ 1905, СО ПОСЛЕДНИОТ КУРШУМ, СЕ САМОУБИ ВОЈВОДАТА ЛЕОНИД ЈАНКОВ, ГЕВГЕЛИСКАТА ЛЕГЕНДА ОД „ТРБА ТРБИ

Трба трби Гевгелија
Трба трби Гевгелија
сите Турци надавија х2
од јунака Леонида.
Цар испратил до три војски
до три војски се ти разби.
Прва војска Гевгелиска
втора војска е Дорјанска х2
трета војска е Струмичка,
ќе го барат Леонида,
Леонида баш комита.
Го бараја во Богданско
го најдоја во Ѓавочко х2
во Ѓавочко во Ѓурѓов дол,
јунак лежи в постилата,
срце му е динамита х2
враце држи револвера
бој започна од сабајле
од сабајле дур до вечер,
триста души убиени,
а ранети не броени.
Проговара Јуз-башија
еј јунаку Леонида
предај ми се ти на мене
да те видам кај Султанот
тој да види каков јунак
ќе ти даде многу пари.
Одговара Леонида,
слушај мене Јуз-башијо
елај ваму понаваму
да ти кажам два три збора х2
два три збора Македонски.
Голем страм е за комита
жив да падне в турски раце
таква правда турска правда
три илјади на три мина
останаа два патрона
еден за теб втори за мен.
Си извади револвера
па го стрела Јуз-башија х2
и на крајот сам се убил.
Живот даде Леонида
за Македонија мила.
 
На денешен ден, 2 септември 1905 година во нерамна борба со турскиот аскер во месноста „Ѓуров дол„, Ѓавачко, загинаа храбрите илинденци Леонид Трајко Јанков, од село Мачуково, Гевгелиско, Томе Киро Донов од Стојаково и Михаил Иванов Таушанов од Богданци. Нивната борба и саможртва е само еден од бројните примери во македонското револуционерно ослободително движење во годините на славната Илинденска епопеја. Во минатото, македонскиот народ притиснат од чифлигарските османлиски стеги, ограбен и осиромашен, не можел на своите синови и ќерќи-борци за правда и слобода да им подига споменични обележја какви што тие заслужуваат, но затоа ги чувал во своите спомени и ги опевал во своите песни. Така и за спомнатите тројца храбри борци-илинденци, анонимниот народен творец им ја испеал фанфаро звучната и текстовно содржајната песна „Трба, трби гевгелијско„.
Леонид Јанков е роден на 10 март 1878 година во село Мачуково, од татко Трајко и мајка Ката. Селото Мачуково, кое се наоѓа на 4 км од Гевгелија, во втората половина на 19. век било многу развиено, со сите карактеристики за поголемите населби. Со развојот на чифлигарството во Македонија, започнува процесот на претварање на македонските селани во чифлогари.
Најголемиот чифлик-сајбија кој го држел Мачуково и половина Гевгелија била една жена, позната под псевдонимот Анмката. Османлиската бруталност предизвикала омраза, огорченост и спротивставување и со оружје со цел да се заштити честа и достоинството на селаните. За таа селаните си поставиле чувари за заштита на своите имоти таканаречени падари. Еден од падарите-заштитници на македонското население и имоти, во почетокот на 20. век бил и Леонид Јанков.
Мачуковчани набргу разбрале дека ропската положба вечно не може да трае и да се поднесува, туку дека само организирани можат да се ослободат од ропството, и тоа со пушка во рака и со сопствени сили. Затоа со формирањето на организационите чети на почетокот на 20. век, многу селани од Мачуково се најдоа во четите на Сава Михајлов иАргир Манасиев. Столб на Организацијата во селото бил Генчо Лазаров Ортаков, а во организационите работи најмасовни биле Јанковци.
Во текот на 1903. година Леонид се наоѓал во четата на Манасиев, учествувал во востаничката борба во гевгелискиот крај против османлиското ропство. Тоа не била фронтална борба, туку се се одвивало преку диверзантски акции. По неуспешното завршување на Илинденското востание, во ноември 1903 година престанале сите борбени активности а поголемиот дел од востаничките чети се префрлиле во Бугарија. Со четата на Манасиев, тоа го сторил и Леонид Јанков.
Откако се враќа во 1904 година во гевгелискиот крај, Леонид заедно со Томе Донев и Миле Таушанов на подрачјето на Богданци развиле голема активност. Во текот на 1904 и 1905 година Организацијата претрпела тешки загуби поради се поголемите пресметки меѓу вооружените врховистички пропаганди од една страна и Организацијата од друга страна. Овие години биле години на големи удари врз нејзината жива сила а посебно врз раководниот кадар.
Откако дешифрирале едно писмо упатено од градското раководство до Леонид, турската војска собрала 3000 луѓе и го опколиле просторот околу селото Ѓавато. Леонид со своите востаници бил засолнат во големите капини во месноста Ѓуров Дол.
Се развила нерамноправна битка, во која Леонид со итрина успеал да убие многу непријатели но кога му останале само уште два куршума, со едниот го убил јусбашијата а со последниот сам се убил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на турците.
Тој ден сите камбани во градот биеле и целиот град татнел од нивниот звук. Повеќе од 3000 души од градот и околните села биле собрани на неговиот закоп, кој се извршил во дворот на гробиштата на црквата Свети Спас, во северната страна.
Секогаш да се гордееме со хероите кои паднале за македонската слобода, а уште повеќе со оние кои заминале со чинот на саможртва. Вечна слава војводо!
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *