ВАЊА МАНЧЕВА СО НАЈМНОГУ ПРОЧИТАНИ КНИГИ ОД БИБЛИОТЕКАТА “ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ” ВО 2021 ГОДИНА.
Професорката по македонски јазик, Вања Манчева, според евиденцијата на градската библиотека “Гоце Делчев” е читател со најмногу позајмени и прочитани книги во 2021-та година. На одбележувањето на Патрониот празник, во Народниот театар, ЈОУ Библиотеката „Гоце Делчев“- Гевгелија, традиционално, им додели признанија за најчитатели во 2021 година на Вања Манчева, Софија Атанасова од Милетково и Марија Ѓеоргиевска.
Професорката, за ТВ Нова 12 ни изјави:
“Пријатно сум изненадена од оваа информација затоа што читав книги не само од библиотеката “Гоце Делчев”, туку и од други библиотеки, разменувавме, позајмувавме, купувавме малку повеќе.Како професорка по македонски јазик и литература, секако дека читањето е мојата пасија. Читам од мојата четврта година и книгата е мојот секојдневен пријател дома, на патувања, на плажа. Оваа година обемот на прочитани книги е поголем заради ситуацијата во светот и бројот би бил околу 100 прочитани книги. Читав различна литература, од литература за деца и млади,до светските класици, навраќање кон веќе прочитани дела, фантастичните раскази, поезии, романси, и секоја прочитана книга беше моја стварност и во оваа предизвикувачка година.”