СЕКОГАШ НА ВИСИНА НА ЗАДАЧИТЕ ВО СПРАВУВАЊЕТО СО ПОЖАРИТЕ
ПОСЕТА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ САРАМАНДОВ НА ТППЕ НА ГЕВГЕЛИЈА
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, денеска беше во посета на ТППЕ- Гевгелија. Имено, од страна на командирот на ТППЕ- Гевгелија, Игор Ризов, градоначалникот беше запознат со работењето на Територијалната противпожарна единица, а, исто така, изврши увид во просторните услови и техничките ресурси кои се на располагање за справување со пожарите. Беа евидентирани сите недостатоци кои ја попречуваат работата на ТППЕ- Гевгелија, но и најавени донациите за Општина Гевгелија од страна на ЈИПР во рамките на Програмата за прекугранична соработка. Имено, познато е дека ТППЕ- Гевгелија ќе добие комплетна специјализирана лична заштитна опрема за шумски пожари и тоа кон крајот на април, а на крајот од 2022 година, ТППЕ- Гевгелија ќе биде опремено со мало противпожарно возило.
Во пресрет на Новата година и Божиќ, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, на вработените во ТППЕ- Гевгелија им ги честиташе празниците, посакувајќи им во наредната година што помалку интервенции при пожари. Исто така, за децата на вработените во ТППЕ- Гевгелија, градоначалникот Сарамандов обезбеди новогодишни пакетчиња кои им беа доделени на денешната посета.
Командирот на единицата, Игор Ризов, заблагодарувајќи се на честитките истакна дека во 2021 година, пожарникарите интервенирале на вкупно 191 пожари од секаков вид, при што во преден план им била заштитата на животите и на имотот на граѓаните. Од ТППЕ Гевгелија, апелираат граѓаните да извршат проверка на исправноста на електричната инсталација и грејните тела како би се заштителе од пожар.Исто така препорачливо е да не се оставаат сијаличките од новогодишните елки да горат преку целата ноќ, внимателно ракување со електричните апарати и да не се користат петарди во затворени простории.