Крајот на сезоната 2020/2021 студиото „Мистик“ го одбележа синоќа на Ракометното игралиште на Градскиот стадион во Гевгелија, традиционално, со својот годишен концерт.
Членовите на ова студио, кое е формирано во 2008 година во просториите на Пионерскиот дом во Гевгелија, под раководство на Александар Аврамов, и овој пат се претставија со кореографии инспирирани од урбаната и поп културата на денешницата, оригинални и својствени за Мистик. Со овој концерт, „Мистик“ уште еднаш докажа дека е најпрофесионалното и најквалитетно танцово студио во Гевгелија, и меѓу најквалитетните групи во Македонија. Со своите настапи во земјава и во странство, и со многубројните награди со кои се враќале од овие настапи, студиото „Мистик“ претставува вистински музички репрезент на Гевгелија и на Македонија, на модерниот танц.
Веќе четиринаесет години Мистик не води низ светот на урбаниот танц, танцот на денешницата, танцот на иднината. Креираат и танцуваат на музиката која ја слушаат и младите и возрасните, музиката со која се расте и се сонува. „Се смееме и плачеме, вели раководителот Аврамов, се дружиме и отуѓуваме, паѓаме па стануваме… впрочем како и во животот. И еве не овде, на крајот на уште една успешна сезона“. Тој, на вчерашниот концерт се заблагодари најпрво на сите членови кои беа дел од Мистик изминатава сезона а изрази и благодарност и до нивните семејства за поддршката и аплаузите на секој натпревар, секое патување, секоја изведба.
Да завршиме со овие зборови: „Човек е креативен само ако го сака животот доволно за да сака да ја издигне неговата убавина, да внесе малку повеќе музика во него, малку повеќе поезија во него, малку повеќе танц во него“.