ШТО РАБОТИ И КАДЕ Е ДЕНЕС ПЕЈАЧКАТА МАРГА ВЕСКОВСКА-КАЛОУ, КОМПОЗИТОРКАТА НА МЕГА ХИТОВИТЕ „ЧИЛИ ВИЛИ“ НА РИСТО САМАРЏИЕВ, КАБАЛА“ НА ТАЈЧИ И „ТАА МАЛА МАЈА“ НА „БОН ТОН“

На Македонската музичка поп-рок сцена, отсекогаш биле малубројни, а би рекол, незначителни, поп песни кои биле потпишани од музички кант-авторки. Сега набрзина на памет ми доаѓаат имињата на Калиопи, Мијата, Елена Христова од „Баклава“, Оливера Станковска и Марга Весковска-Калоу.
 
Телеграфски, биографијата на Марга Весковска –Калоу би се сместила во неколку реченици:
Музичките почетоци се во далечната 1980 година, кога ја сними песната „Разочарана“ . Четири години потоа, Григор Копров ја создаде групата „Калиопи“, во 1984 година, а Марга влегува како придружен вокал во првата постава на бендот каде фронтмени се Ромео Грил и Калиопи Букле. Со групата ги снима песните „Томи “ и „Лео“,првиот успешен југословенски хит чиј автор е токму Григор Копров. Со оваа песна, групата „Калиопи“ настапи и освои награда на фестивалот Опатија во 1985 година.
 
 Истата, 1985 година, Марга ја напушти групата, и издава соло песна – „Bi bap”. На Опатијскиот фестивал во 1986 година Марга Весковска се претстави пред публиката со својата композиција „Лажам пак“. На првото издание на фестивалот „Макфест“, во 1986 година учествува со темата „Биди добра“. Од таа, 1986 година, Марга не настапува повеќе како солист и ја продолжи својата кариера како автор на музика. Во 1987 година учествува на Макфест како автор на музика на две нумери „Чили вили“ на Ристо Самарџиев и „Таа мала Маја“ на групата „Бон-Тон“. 
 
Во 1988 година се враќа на сцената, за да отпее песна напишана во чест на нејзиниот добар пријател и прерано починат клавијатурист Слободан Боби Мицев, на текст на Весна Додева, која се јавува како пишувач на текстови за речиси сите нејзини композиции. Марга Весковска е автор на повеќе композиции за повеќемина пејачи меѓу кои се истакнуваат „Кабала“ за подоцна многу популарната Татјана Матејаш Тајчи, „Адријан“ за Тања Кочовска, „За да откриеш“ за Стефан Чепишевски, „Љубов само за мене“ за „Силви бенд“…
 
Марга веќе 25 години живее во Сирија со своето семејство, а интервјуто го направивме со помош на современата дигитална технологија.
– Марга, ова интервју ќе разбуди многу емотивни спомени верувам и кај двајцата, затоа што не се заборава една барака во Влае, една прекрасна пријателка и другарка, Весна Додева, и едно прекрасно време на создавање музика и безгрижно дружење и забава. Дали сум во право?
 
Да во право си, беа тоа убави времиња. Иако сум родена во Тетово, животот до 1998 го поминав во Скопје, во една од најубавите населби Влае, на улицата „Фјодор Достоевски“. И ден денес, иако сум далеку од Скопје, сеуште во моите мисли често се навраќам на времето кога ние, младите живеевме во едно „царство“, каде што владееше големо другарство, почитување и помагање.
 
-Каде израсна Марга, каде учеше и на што се сеќаваш од твоето детство?
Основно завршив во Јосип. Броз – Тито, а потоа запишав и завршив средно музичко во Илија Николовски- Луј, отсек флејта. Своето образованието го заокружив на Факултетот за Музичка Уметност, каде дипломирав теорија на музика и педагогија.
А од детството највеке се сеќавам на нашата населба кај Г. П. Маврово, каде што сите живеевме како едно големо семејство. Детските игри, во лето и зима, опуштеноста, сигурноста, и љубовта од тоа време најмногу ми фалат.
 
– Кажи ми кои беа твоите први допири со музиката, на која возраст беше кога стана свесна дека сакаш да учиш музика, да компонираш и да пееш, ?
 
Со музиката се „сретнав“ на почетокот во основното училиште. На гости кај едни наши роднини здогледав гитара, ја зедов во рацете и случајно ги открив акордите, А-мол и Е-дур. Нормално татко ми, откако го забележа тоа, по два дена ми купи гитара а јас сеуште ги памтев тие два акорда и си свирев песни кои ми звучеа хармонично. После од слики на разни гитаристи, затоа што немаше интернет, откривав и други акорди.
 
– Која беше твојата прва снимена песна, каде се снимаше, какво беше чувството, имаше ли трема и што значеше тоа за тебе како музичар?
 
Мојата прва снимена песна беше кантавторска, „Разочарана“, имаше аудиција на “млади надежи” во Македонската Радио Телевизија, и , на мое изненадување., тогаш продуцентот и музичар Благоја Чешларов ме одбра да снимам дури две мои песни за МТВ. Во тоа време бев во средно музичко и теоријата што ја учевме таму ми појасни многу работи и ми олесни да ја разберам музиката и како да компонирам. Снимањето беше во тогаш мошне популарното Студио М2 каде што подоцна снимив многу, како мои авторски песни, така и придружни вокали за други пејачи.
 
– Малкумина знаат дека ти беше во првата постава на групата „Калиопи“, како влета во таа група, кои спомени ги носиш од таа соработка и зошто си замина од таму?
 
Калиопи ми беше школска другарка од средно музичко. Ми рече дека со Копров формираат вокална група и дека им фали женски вокал. Веднаш прифатив и убаво се дружевме со Копров, со Ромео и со Зоки. Снимив со нив две песни, Томи и Лео, и навистина убаво звучевме. Убави времиња, настап во Опатија, освоивме награда, видов и запознав многу луѓе од светот на југо естрадата, а зошто си заминав? Знаеш кога си млад мислиш дека можеш да направиш нешто повеќе од тоа што го правиш. Шлагер и лесни песни не беа мојата цел па сакав да се обидам да направам песни по мој вкус.
 
– Во 1986 година решаваш да ја продолжиш својата кариера само како автор , а не како интерпретатор, имаше ли некоја посебна причина за тоа?
 
Да откако пробав соло бев задоволна од моите песни Бобо, Биди добра, Зиги… но за да бидеш пејач треба и други работи освен добар глас. Јас сум повеќе студиски вокал, background и така. Не се пронајдов себе си како пејач, па почнав да пишувам песни за други пеачи.
 
-Ајде, за читателите на Вечер појасни како настанаа „Чили Вили“, по која песна и Ристо Самарџиев долго време го носеше прекарот Чили Вили и „Кабала“, која ја отпеа тогаш непознатата Татјана Матејаш-Тајчи,?
 
Со „Чили Вили“ и „Кабала“ конкурирав на Макфест. Песните беа примени и Славе Димитров најде пејачи за двете. Изведбата на Ристо беше навистина супер и долго време го следеше таа песна, сите го викаа Ристо-Чили Вили. Додека пак Тајчи ја запознав на Макфест, тогаш беше многу млада, имаше само 17 години и, за жал, патиштата не ни се вкрстија повторно.
 
– Една , ми се чини од најемотивните твои песни е “Боби“. Посветена е на еден од најдобрите клавијатуристи, аранжери и композитори, прерано починатиот Слободан Боби Мицев.Текстот е на Весна Додева, твоја верна и долгогодишна соработничка и пред се, пријателка.
 
Ах… да, Боби и Весна, за жал прерано не напуштија. Песната „Боби“ ја направивме со Весна во чест на Боби Мицев, тој беше извонреден музичар и клавијатурист. Весна ја знам одамна, комшика од Влае. Почнавме да соработуваме по моето заминување од Калиопи. Нашето другарство ја направи таа соработка волшебна. Се разбиравме од прва, мал гест беше доволен да знаеме дека ова е добро а ова може да биде и подобро.
 
– Кога престана да се занимаваш со музика, и колку песни имаш снимено?
 
Престанав да се занимавам активно со музика кога со мојот сопруг решивме да се преселиме во Сирија во 1998 година .Незнам точно колку песни имам, но одвреме навреме ми пристигаат тантиеми, хе,хе,хе.
 
Сега живееш во Сирија, имаш создадено свое семејство, каков е животот таму?
 
Сирија беше една прекрасна, силна, богата земја, се додека Америка не реши да воведе „демократија“. И, знаеш како тоа оди, кај што гази чизма трева не расте долго време. Како и да е сега моите деца се возрасни, поголемите ќерка и син живеат во Обединетите Арапски Емирати. Помалите, по завршувањето на факултет ке одат по ист пат, а по нив и ние БАБА и ДЕДО.
 
Каква музика слушаш, компонираш ли нешто за своја душа или музиката „ја заборави“?
 
Слушам се, класика, поп, арапска музика (стара и нова) Адел, Сиа, Били Ајлиш. А што се однесува до компонирање, да си правам некоја музика. Кога ке дојдам во Македонија, ке се поврзам со другарите, музичари па може нешто и да се објави.
До скоро видување, Марга.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Еден коментар за “ШТО РАБОТИ И КАДЕ Е ДЕНЕС ПЕЈАЧКАТА МАРГА ВЕСКОВСКА-КАЛОУ, КОМПОЗИТОРКАТА НА МЕГА ХИТОВИТЕ „ЧИЛИ ВИЛИ“ НА РИСТО САМАРЏИЕВ, КАБАЛА“ НА ТАЈЧИ И „ТАА МАЛА МАЈА“ НА „БОН ТОН“

  1. Zdravo TV Nova, dali bi mozele da mi dadete kontakt od Marga Veskovska ili da ja kontaktirate I da i go dadete mojot email?
    Ako moze bi bil blagodaren. Inaku drugarka od detstvo mi e I se nemame videno od 1987ma godina.Jas sum od 90ta vo Kanada.
    Blagodaram za ova intervju so Marga, prijatno se iznenadiv.

    Pozdrav,

    Goran Gocky Iliev

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *