РИСТО ИЛКОВ – ФИЧО, СТРАСТВЕНИОТ ФУДБАЛСКИ НАВИВАЧ ОД ДОЈРАН ОТПАТУВА ЗА БУКУРЕШТ: „МАКЕДОНСКИТЕ ФУДБАЛЕРИ ЌЕ БИДАТ НАЈПРИЈАТНОТО ИЗНЕНАДУВАЊЕ НА ЕУРО 2020“

Рано утринава дојранчанецот Ристо Илков, попознат по прекарот Фичо, заедно со уште 12 навивачи од Дојран, Гевгелија и Пирава, кои себе си се нарекуваат „Гаровци“ (по птицата која сака многу да лови риба во Дојранското езеро), со возило отпатува за Букурешт, да го отсонува својот дамнешен сон, да ја бодри македонската фудбалска репрезентација на натпреварите против Австрија и Украина, на дебитантскиот настап на Европското првенство во фудбал.
Подготвен е, од глава до пета, со сите навивачки реквизити да навива за што подобар пласман на репрезентацијата на Македонија на ова Европско првенство:
„Гарантирам, вели Фичо, дека нема да изгубиме ни против Австрија, ниту против Украина, и верувам дека нашата репрезентација ќе биде најпријатното изненадување на ЕУРО 2020“
Фичо е легенда помеѓу спортските навивачи и верен подржувач и придружник на сите настапи на македонските репрезентативци во фудбал, ракомет, кошарка и одбојка. До сега има присуствувано на над 250 натпревари на македонските репрезентации во овие спортови, бил сведок на успесите на кошаркарите во Литванија, на ракометарите во Србија и на одбојкарите во Словенија.
Неговата љубов кон фудбалот започнала уште во основното училиште, кога бил верен навивач на ФК „Дојранско езеро“. Потоа, во времето на Југославија, станува симпатизер на ФК „Црвена ѕвезда“ и како навивач бил на над 100 натпревари на овој клуб. Присуствувал на моментите кога овој фудбалски клуб, во кој играле и македонците Панчев и Најдовски, во Бари станува Европски првак, како и во Токио, кога ја освојува светската клупска титула во фудбал.
Кога Македонија стана независна држава, пред 30 години, Фичо станува најверниот навивач на сите настапи на македонските репрезентативци во фудбал, ракомет, кошарка и одбојка, од првата победа на фудбалскииот натпревар против Словенија, до неуспешниот обид на ракометната репрезентација во Полска, кога не успеавме да се пласираме на Олимпијадата во Бразил.
Фичо има голема подршка од своето семејство за оваа своја навивачка страст, а по враќањето од Европското првенство, тој подготвува книга, а воедно ќе преуреди дел од својот двор во своевиден мини навивачки музеј, каде ќе бидат поставени сите билети, дресови, фотографии и навивачки реквизити од натпреварите на кои досега присуствувал.
Фичо деновиве ќе го живее својот дамнешен сон, да ја гледа Македонската фудбалска репрезентација на едно Европско првенство, а да му посакаме, во скора иднина, да му се оствари и вториот негов сон, да ја бодри некоја македонска спортска селекција на една Олимпијада.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *