ПРОМОВИРАН ПРВИОТ ДИГИТАЛЕН ЧИТАЧ ЗА ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД-„КИКО“

Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, како и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска присуствуваа на промоција на дигиталната алатка, аудио читач симболично наречен „Кико“.
„Оваа апликација, која е лесно применлива за сите возрасти, користејќи го системот претворање „слика или текст во глас“, ќе овозможи непречена комуникација, непречено движење и целосно вклучување во општеството и достоинствен живот на нашите сограѓани. Исклучително е значајно што со Апликацијата Аудио читач „Кико“, лицата со оштетен вид за прв пат добиваат функционална, современа и соодветна алатка, која во секојдневниот живот ќе им помага и овозможува поголема самостојност и тоа во сите сфери“, истакна премиерот Заев и изрази задоволство што софтвер-апликацијата за првпат ќе им овозможи на над 3.000 слепи и лица со оштетен вид, пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска објасни дека апликацијата, освен лицата со оштетен вид, може да ја користат и лицата со тешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица кои информациите најдобро или полесно ги разбираат во аудио формат.
Претседателот на Сојузот на слепи лица Жарко Селковски, рече дека алатката е од големо значење бидејќи самостојно слепите лица може да работат, читаат, да праќаат мејлови и слично.
„Ова помагало е бесплатно, прво од овој вид, брзо, јасно и чисто. Горд сум што секаде на моите колеги ќе кажуваме дека имаме говорна програма.
Дигиталната апликација-аудио читач е креирана на иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, Програмата за развој на Обединетите Нации, и во партнерство со Националниот сојуз на слепи лица.
Пристапот до апликацијата е едноставен. Доволно е да се пристапи на Google Play Store и да се симне апликацијата RHVoice. Откако ќе се инсталира оваа апликација потребно е да се одбере „македонски“ на листата со јазици, веднаш до називот „Кико“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *