Љубителите на убаво напишаниот збор синоќа имаа пријатна средба со дел одпоетите кои творат под ова поднебје. Во рамките на Гевгелиското културно лето, библиотеката „Гоце Делчев“ организираше поетско музичка вечер, под јаворот пред прекрасното здание на една од најубавите градби во Гевгелија.
Вечерта ја отвори во свој стил, Стефчо Стефанов, читајќи песна и потсетувајќи се на времето кога како член на жири комисија на еден поетски конкурс, првата награда ја добил Стефан Марковски, сегашниот директор на библиотеката „Гоце Делчев“ и еден од најпознатите и најпризнати млади македонски писатели.
Марковски пак, во своето кусо обраќање пред читањето на гевгелиските поети, се присети на една мисла која вели дека „поезијата ја има кога чувството ќе ја најде соодветната мисла а таа пак ќе го најде соодветниот збор“
И, така, се разлееја во топлата ноќ многу „лични“, односно убави зборови, кои кај публиката разбудија многу пријатни чувства.
Вечерта на поезија ја разубавија дополнително и разиграните ноти на гитаристот Филип Динев и контрабасистот Пенче Кралев.