ONE WO/MAN SHOW СО НАДИЦА ПЕТРОВА: „МОЕТО ШОУ НЕ Е КЛАСИЧЕН СТЕНД АП, ПОВЕЌЕ Е ТЕАТАР“
Пред нејзиното гостување во нашиот град, Надица ни порача дека се радува на средбата со гевгеличани. Пред два дена, за празникот на вљубените, таа ја изведе јубилејната 10-та претстава на ова шоу, и кога ја запрашавме во што е вистината, во ракијата, виното или во театарот, таа ни рече:
„Во сегашниот миг вистината е во ракијата, а сегашниот миг го живеам во природата, во театарот, и на други места, а моето шоу не е класичен стенд ап, за мене повеќе е театар преку кој јас ги изнесувам своите проблеми, теми и дилеми пред публиката“
Дом на култура „Македонија“ го најави гостување на актерката Надица Петрова , од Независниот театар „ЗлатенЕлец“, со stand up комедијата ONE WO/MAN SHOW за 18.02.2022 (петок) со почеток од 19:00 часот во големата сала на народниот театар.
Билетите се пуштени во претпродажба по цена од 100 денари, а истите може да се подигнат во просториите на Дом на култура (Народен театар). Капацитетот за седење во големата сала на народниот театар е 50%, Независниот театар „Златен Елец“ е уметничко здружение кое го раководат младите невработени актери Бобан Алексоски и Надица Петрова.
„Нашиот порив, велат тие, да создаваме театар посебно во ова време е поттикнат од случувањата што не зафатија на светско ниво. Според нас Уметникот не смее да мирува дури ни во војна.
Ние како невработени актери цело време всушност сме во криза зашто гледаме да преживееме со својата уметност.“