ОД БОЖИКНОТО ПОСЛАНИЕ НА МИТРОПОЛИТОТ АГАТАНГЕЛ:
„ПРЕКУ ВОПЛОТЕНИОТ ХРИСТОС ДА ГО ОСВЕТЛИМЕ МРАКОТ ВО СВОЈАТА ДЛАБОЧИНА“
Возљубени наши духовни чеда,
Да го возвишиме својот ум и разум, да се очистиме и да ја претвориме нашата внатрешност во удобно уреден дом во кој ќе ја примиме небесната светлина која води во богопознание, зашто денес небото и земјата се споија и изедначија, земното се воздигна кон небесата, а небесата ѝ снисходи на материјата. Денес, во малата земна пештера во тело се роди безграничното и сезнајно Слово. Предвечниот Младенец беше положен во скромни и сиромашни јасли. Семоќниот Бог стана опиплив за нашите раце. Оној што од небитие нè создаде, ни се подари Самиот Себе, го прими телото гревовно за да го освети човештвото, за да го спаси и приведе кон покајание. Бог за нас стана пример за добрина и снисходливост. На овој божествен пат сите ние сме повикани. Бог, Кој седи на херувимите стана видлив за нашите сетила. Оној, Кој е предвечно роден од Отецот, Кој нема ограничување, Кој постои надвор од просторот и времето, го прими телото минливо. Оној што во Себе ги содржи сите богатства, доброволно се подвргна на сиромаштво.
Безвремениот и најмоќниот Цар се вброи Себеси меѓу слугите. Оној што е господар на целата вселена, дојде да им послужи на своите потчинети. Денес се роди Господ како Месија, како Спасител Кој дарува благодат што преобразува. Се воплоти Христос Синот Божји за да го смири светот, за да ги умудри народите, за да го восинови човекот, се роди Словото Божјо за да нè издигне над секое создание.
Без Божјиот мир, неминовно ќе владее безредието. Без добрата волја, повредувањето на другиот станува вообичаено секојдневие. Без љубовта Божја, секоја навреда, непочит, бездушност и убиство си наоѓа свое демонско оправдување. Човекот тоне во хаос и непријателство, а светот се уништува во подлости и војни. Да внимаваме драги мои, многу е битно што ќе кажеме, како ќе постапиме. За јавниот морал сме сите одговорни. Не може да очекуваме дека без зауздување на своите страсти и слабости ќе имаме напредок и просперитет. Не е сè дозволено во овој свет. Не сме сами во него. Ако му го одземеме достоинството на човекот, ако ја погазиме неговата личност, ако го затрупаме неговиот образ, тогаш од него ќе остане само организам што дише, безлична маса што има облик на човек, а дејствува како ѕвер. Во оваа реалност денеска живееме. Не постои грев кој не го направивме, измешавме сè во исти котел. Мажот го фрливме во немоќ и осаменост, а жената ја претворивме во единка што тоне во несреќа и распуштеност. На цел еден народ му одземавме име, историја и идентитет, лажејќи се себеси дека ќе живееме во комфорност и удобност, а бегаме од фактот и забораваме дека имаме одговорност и пред нашите предци и пред нашите наследници.
Кога во едно општество е секој загрижен само за себе, тогаш оттаму си заминува човечноста. Ниту една несреќа не останува сама и заборавена, ако на време не биде избркана од нашите дворови и живеалишта. Таква е наравта на гревот. Ако не биде обработен и исфрлен од организмот, тогаш тој го зазема местото на духот, сраснува со генот, станува идентитет на личноста и составен дел од неговото „јас“. Ако безгрижно и неаинтересирано гледаме како пред очи ни се убива цел еден народ, и ако никој не реагира на овој геноцид, тогаш се осоколува злото, кое си наоѓа плодна почва за своето отровно семе. Тогаш секој настран и расипан човек без трошка совест е способен да застрела и да повреди дури и дете. За него не постои никаква вредност и светиња, оти тој самиот си е на себеси сè. Целиот свет не вреди колку солзата на едно дете, ова особено треба да си го ставиме на знаење и разбирање. Затоа, од овој шок и потрес што како народ и општество го доживеавме, час поскоро ќе треба да извлечеме поука. Најпрво ќе мора да се смениме себеси и своите навики. Ќе мора преку Воплотениот Христос да го осветлиме мракот во својата длабочина. Оттаму да го исфрлиме секое зло, секој немир и омраза. Бог ќе ни помогне и заштити ако искрено ја побараме Неговата помош. Тој ни е утеха и поткрепа во сите дни од нашите животи. Тој ги спасува онеправданите, ги воздигнува немоќните, ги штити и закрепнува раслабените. Тој ги закрилува гонетите заради правда, и со сите почести ги прима во Своето Царство оние што пред време и насилно го завршиле својот земен живот. Ако бидеме небрежни, и не се преиспитаме себеси, со тоа ќе го поттикнеме злото, кое ќе помисли дека е неказниво и прифатливо, дека за него не постои ред и закон, па непречено и засилено ќе продолжи да ги шири своите злобни пипала. Оваа задача како народ и држава ќе мора да ја решиме, за никогаш повеќе да не ни се повтори.
Господ Исус Христос нека им биде верен сопатник на сите оние кои минуваат низ тешкиот лавиринт на животните искушенија. На сите оние што страдаат и боледуваат нека им помогне нашата заедничка молитва. Овој празник нека им биде одмор од секоја невоја. Нека ни биде почеток на радоста која никогаш не престанува. Нека ја подигне Господ Својата света десница и нека го благослови македонскиот народ, нека ја крепи и заштитува Република Македонија и нашата духовна мајка – Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Воплотениот Спасител нека нè стори достојни за овој празник, нека ни биде постојана утеха Неговата истрајност и пожртвуваност. Он е изворот на секоја мудрост, Он е решение за секој проблем, Он е носечки столб на секој наш напор и најстојување.
Радувајте се возљубени мои, зашто Христос се воплоти и на светот му е пружена можност за спасение и избавување!
Христос се роди, навистина се роди!
Прегледи: 282