На еден од најпознатите спортски настани во Македонија, Виз Ер Скопскиот маратон, кој претпладнево се одржа во главниот град на Македонија, настапија над 20 атлетичари од гевгелискиот клуб, во сите четири трки – маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон, – „ЕУ за спортот“ и трката на 5 километри.
Голем успех постигна екипата на „7-ми Ноември“ во состав Тодор Анчев, Атанас Епов, Ристо Чалков и Никола Ковачев, во штафетниот маратон, освојуваќи го високото трето место, а им недостасуваа 40-на секунди да го освојат второто место.
Во трката на 5 километри, Ристо Чалков го освои четвртото место, кај мажите, додека кај жените, Дијана Ѓоргиева го освои 11-то место.
Солидни резултати постигнаа и останатите атлетичари на атлетскиот клуб од Гевгелија, со што уште еднаш ги израдуваа љубителите на атлетиката во својот роден град.
Онесмус Киплимо Киплагат од Кенија е победник на Скопскиот маратон 2022 година. Тој патеката долга 42 километри низ македонскиот главен град ја мина со време од 2:18:19 часа.
Зад него финишираше најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, кој задоцни пет минути, односно имаше време од 2:23:07 часа. На победничкиот подиум имаше место за уште еден Македонец, Никола Илиевски.
Кетрин Черотич од Кенија славеше во женска конкуренција со време од 2:38:48 часа, а зад неа заврши нашата натпреварувачка Биљана Кираџиева со 3:04:49 часа.
Во полумаратон во женска конкуренција славеше нашата Адријана Поп Арсова со време од 1:16:12 часа. Зад неа финишираше Греса Бакрачи од Косово, а на подиумот имае место за уште една Македонка Миљана Ристиќ.
На машкиот полумаратон, подиумот беше целосно македонски, а победник беше Жан Тошев со време од 1:11:56 часа, втор беше Иван Пешовски, а трет Атанас Анчевски.