Во дворот на средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“ денеска се одржа скромна свеченост по повод завршувањето на школувањето на уште една генерација на ученици од ова училиште.
Пред присутните ученици, професори и вработени, како и пред градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, најнапред се обрати Директорот Тони Аврамов.
Тој во своето излагање потсети дека со денешниот ден оваа генерација матуранти потроши уште една форма од своите животи, која не се претвори во прав и заборав, туку ќе остави длабоки траги во животите на секој еден матурант. Тој истакна дека не е толку важно како матурантите ќе се сеќаваат на професорите кои и на оваа генерација матуранти им беа водилки низ школувањето, туку уште поважно е што јас лично и сите професори ќе останете во нашите сеќавања како верни и искрени ученици кои имаа таа несреќа да се соочат и со предизвикот на пандемијата. Од утре, заврши тој, животот отвара нови патеки пред вас, на тие патеки ќе наидете и на пречки и на паѓања, но и на радувања. Затоа, ви посакувам искрено секогаш да верувате во себе и во своите вредности, а секоја ваша победа ќе биде и наша радост.
Паричната награда на првенецот на генерацијата, Елена Брзилова, ја додели градоначалникот Сашо Поцков, кој при тоа, на сите ученици од генерацијата 2027-2021 им посака многу здравје, среќа и успеси во животот и во натамошното нивно школување.
Заблагодарувајќи се на ова високо признание, првенецот на генерацијата, Елена Брзилова најнапред рече дека и е чест што оваа награда ја добива во конкуренција на прекрасните и одлични свои другари и другарки, кои влегоа во потесниот избор, Олгица Учева, Ангела Костадинова, Магдалена Мандалова и Катерина Лазарова. Од свое име, како и од името на целата оваа генерација матуранти таа им се заблагодари, најнапред на сите вработени во СОУ „Јосиф Јосифовски“, а особено на сите професори кои, како што кажа таа, за цело време се трудеа, не мотивираа и поддржуваа во нашето четиригодишно школување. Нека ова, истакна таа, биде почеток на остварување на сите наши идни планови. Затоа, сакам да ви порачам, рече Брзилова, секогаш во вашите животи да го пронајдете она што го сакате , да го пронајдете вистинскиот пат и секогаш да се стремите кон повисоки цели.