МЛАДИТЕ НА МАРГИНИТЕ ОД ОПШТЕСТВОТО:СЕДУМ ОД ДЕСЕТ МЛАДИ НЕ БИЛЕ ВКЛУЧЕНИ ВО КОНСУЛТАЦИИ ОД ЛОКАЛНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

Денес, по повод Меѓународниот ден на младите, Младински образовен форум ја презентираше студијата „Социо-политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“, изработена во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Студијата покажува дека 69% од младите никогаш не биле консултирани од институциите, наспроти една третина (27%) кои биле консултирани на локално или национално ниво. Бројот на испитаници кои никогаш не биле консултирани се намалил за 15% во споредба со истражувањето од 2019 година, што претставува подобрување. Важноста од вклучувањето и активноста на младите генерации ја покажува податокот дека младите кои се вклучени во младинско организирање, имаат попозитивна слика за себе и своето место во општеството.
Влезот во Европската унија е важна тема за младите, но оптимизмот кај нив е опаднат во споредба со 2019-та. Речиси половина (44%) од испитаниците веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ, а просечната година во која сметаат дека тоа може да се случи е 2026 година.
Само една третина од младите (29%) сметаат дека властите се запознаени со нивните потреби и проблеми. Кога станува збор за младите лица со попреченост, само 8% сметаат дека властите целосно или прилично се грижат за нив и нивните проблеми.
Анкетираните млади покажуваат висока свест за гласањето, од нив на парламентарните избори во 2020 гласале 74,7%. Една петина од младите (20,3%) велат дека редовно преземаат активности за решавање на општествени проблеми, а една третина од тие кои делувале (33,4%) успевале да го решат проблемот.
Пандемијата не ги одмина младите, речиси на 15% им се намалила платата во текот на кризата, додека 6% ја изгубиле работата. Во поглед на образованието, младите кои се во образовен процес даваат просечна оцена 3 за квалитет на наставата за време на пандемијата.
За да се подобри животот на младите во земјата, дел од клучните препораки се да се гарантираат средства во државниот буџет за млади и младински политики, општините да формираат локални младински совети и да отворат младински центри, а политичките партии да се заложат младите да бидат застапени во програмите и на кандидатските листи на претстојните локални избори. Да се поддржува младинското организирање и законски да се гарантира средношколското учество. Институциите да работат на информирање и едукација на младите за потребата од вакцинација за спречување на ширењето на КОВИД-19.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *