МИЛЕ СМИЛКОВ, ПРОФЕСОР ПО ИСТОРИЈА:
„НЕКА ТИ Е ВЕЧНА СЛАВА, САВА МИХАЈЛОВ, УЧИТЕЛЕ, ГЕВГЕЛИСКИ ВОЈВОДО И БОРЕЦ ЗА СЛОБОДАТА НА МАКЕДОНИЈА“
На денешното одбележување на 119 години од смртта на Сава Михајлов-Савата, пред присутните кои положија свежо цвеќе на неговиот споменик, историски час за ликот и делото на Сава Михајлов одржа професорот по историја, Миле Смилков.
На 1 март 1905 година, истакна Смилков, во нерамноправната битка меѓу комитите и турскиот аскер, која се одиграла на месноста Голема Рудина кај селото Смол, гевгелиско, војводата Сава Михајлов, откако ги потрошил сите куршуми, испива отров за да не падне жив во рацете на Турците.
Тој е најзначајната фигура од гевгелискиот крај, кој заземал една од највисоките функции во ТМРО, а подоцна ВМРО, како најблизок соработник на Гоце Делчев и Јане Сандански, истакна професорот Смилков.
Образованието го започнал во родното село,а потоа продолжил до 4 клас во Цариград до 1892 година. Во Солунската гимназија учел од 5-7 клас (1892-1895 год.).
Во 1895 година бил назначен за учител во с.Кавадарци,потоа во 1896 во с.Рикита и во с.Неготино до 1897 година. Во 1898 год. бил префрлен во с.Богданци (Гевгелиско),а потоа и во Гевгелија до 1900 година. Во 1901 год. преминал во четата на Јане Сандански, учествувал во грабнувањето и земањето пари за Мис Стон.
Потоа заминува во Софија,каде претстојува до 24 јануари 1902 год. со Крсто Асенов и Јане Сандански. Во Македонија се вратил на 6 април заедно со Сандански каде останува до крајот на мај. За време на Илинденското востание, неговата чета заедно со четата на војводата Аргир Манасиев, организирале диверзија на железничкиот мост на реката Вардар, кај Гевгелија.
На 1 март 1905, четите на Сава Михајлов и Апостол војвода се нашле опколени од 500 души турски аскер, откако претходно биле предадени на Турците од страна на овчари Арнаути,
Нерамноправната битка меѓу комитите и турскиот аскер се одиграла на месноста Голема Рудина кај селото Смол, гевгелиско.
Борбата траела 5 часа, и комитите се бореле до последните куршуми.
Војводата Сава Михајлов откако ги потрошил сите куршуми, испива отров за да не падне жив во рацете на Турците.
Од вкупно 43 комити од двете чети, единствени кои успеале да го пробијат турскиот обрач и да останат живи се Апостол Петков, војвода и еден негов комита.
Војводата Сава Михајлов заедно со 40 комити го положува животот за слободата на Македонија.
Прегледи: 768