Македонскиот тим кој нѐ претставуваше на Меѓународната економска олимпијада 2024 во Хонг Конг, од 22 до 31 јули, се врати во татковината.
Како што е познато, македонски претставници на овогодишната олимпијада беа Миша Веселински, ученичка во трета година во ПСУ ‘Јахја Кемал’, Скопје, Сара Тошевска, од трета година и Никола Бојчев, од втора година во ДСУ ‘Математичко-информатичка гимназија’, Скопје, како и Јован Оџаков, ученик во втора година во СОУ ‘Јосиф Јосифовски’, Гевгелија.
Трошоците за патување и сместување беа покриени од Општина Гевгелија, ментори на Јован беа професорките од СОУ „Јосиф Јосифовски“, Снежана Кичукова и Русица Атанасова, додека во Хонг Конг, водичи на македонскиот тим беа проф. д-р Анета Гацовска Барандовска и м-р Стево Горгиев, од Природно Математичкиот Факултет во Скопје.
Оваа година, на Меѓународна олимпијада за средношколци заинтересирани за економија, бизнис и финансии учествуваа 237 учесници од 50 земји и 51 тим.
Во тимска конкуренција првото место го освои екипата на Сингапур, втор беше тимот на Кинески Тајпеј, додека на третото место се пласираше тимот на Русија. Исто така беа доделени вкупно 118 индивидуални награди, со признание за извонредни достигнувања, како и 26 почесни признанија во категориите „Економија“, „Финансиска писменост“ и „Деловни односи“
Македонскиот тим, иако не освои некоја од наградите, сепак покажа солидно познавање од областа во која се натпреваруваше, и што е уште поважно, се стекнаа со нови искуства, кои ќе им помогнат во нивното натамошно школување.