КРАЛСКИТЕ ИЗВИДНИЦИ ОД ГЕВГЕЛИЈА ПО ВТОР ПАТ ОРГАНИЗИРААТ БОЖИЌЕН БАЗАР
Кралските извидници од Гевгелија оваа година, по втор пат ќе организираат Божиќен Базар кој ќе се одржи од 28-ми до 30-ти декември на тревникот пред Народниот театар во Гевгелија.
Како што не информираше една од членките на Кралските ренџери, Катерина Колева, тие ги покануваат сите гевгеличани на дружење со скара, кафе/чај и вафли. Ќе има извиднички работилници на кои децата и тинејџерите можат да учествуваат и да собираат поени.
Вториот ден фокусот ќе биде на промоција на OUTDOOR спортови, каде спортски клубови и организации кои работат во општина Гевгелија ќе се вклучат во програмата со работилници и презентации. Дел од организациите кои ќе бидат дел од програмата се Општинската Организација на Црвен Крст во Гевгелија, Планинарскиот клуб „Двете Уши“ од Гевгелија и претставници од УНИЦЕФ и СОС Детско село, а учесниците ќе можат да учествуваат на програмата и да се запознаат со активностите на организациите.
Третиот ден ќе има базар каде ќе бидат изложени и продавани рачни изработки. Ќе има и Божиќна програма за децата и родителите.
Млади водачи и извидници од Холандија, Белгија и Германија ќе учествуваат на настанот и ќе водат дел од извидничките работилници, што му дава на целиот настан интернационален карактер.
Атмосферата за време на целиот настан ќе биде Божиќна, исполнета со соодветна музика. Организаторот најави дека со ова се сака за момент, граѓаните да си ги стоплат срцата и да се подготват за прославувањето на Божиќ и Нова година, со надеж за подобра иднина. Сите средства собрани од овој преокт ќе бидат донирани за добротворни цели.
Прегледи: 435