„Ги правам сите овие пејзажни и улични фотографии за да покажам колку е навистина убав нашиот свет и ги правам концептуалните визуелни креации за да ви го покажам светот како што го доживувам јас. Опфаќам со мојот објектив важни теми како што се љубовта, среќата, смислата на животот, откривањето на себеси и промените што се случуваат“, вели фотографот Димитар Новаков
„Сите лица на Кожуф“ е насловот на изложбата на фотографии од Димитар Новаков, која неодамна ја организираше Националната установа Музеј Гевгелија. Изложбата, која предизвика голем интерес кај гевгелиската публика, беше отворена во уметничката галерија „Амам“, а реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Македонија. На неа, Новаков, низ своите фотографии, навистина ги долови сите убавини на прекрасната Кожуф Планина.
„Јас сум фотограф и визуелен уметник со седиште во Гевгелија, Македонија“, рече, на отворањето на изложбата, Димитар за себе.
„Замрзнувањето на времето, раскажувањето приказни и фаќањето емоции го започнав од 2014 година (тогаш ја добив мојата прва камера), но, сепак, мојата љубов кон фотографијата датира многу години пред тоа. Ги правам сите овие пејзажни и улични фотографии за да покажам колку е навистина убав нашиот свет и ги правам концептуалните визуелни креации за да ви го покажам светот како што го доживувам јас. Опфаќам со мојот објектив важни теми како што се љубовта, среќата, смислата на животот, откривањето на себеси и промените што се случуваат. Јас сум присутен и како фоторепортер и на свадби, затоа што сакам да ги доловам убавината на моментот, вистинските емоции на луѓето и да ја зачувувам нивната приказна. Покрај фотографијата, јас сум велосипедист, сценарист на стендап комедии, креатор на музички спотови, графички дизајнер, гитарист и пејач“.
Уметницата, магистер Мирјана Крстева-Массети, во освртот на сето она што го создава и што го гледа Димитар низ објективот на својот фотоапарат, истакнува:
„Димитар и неговата реалност… Дали реалноста е реална? Заедничка реалност во фотографска форма, украдени моменти, метаморфози, огледала… Уметничките дела на Димитар зборуваат за повеќе реалности, кои особено опишуваат личност формирана во духот на модерното време. Неговите уметнички дела имаат интроспективни монолози со форма на огледални решенија. Контраст, одржливи композициски решенија, колористичка рамнотежа и светлина. Смело си игра со светлината, бела, проѕирна, невидлива, видлива, елегантна. Прикажувањето на неговата реалност наративно создадена од загадочна реалност го води примателот во друго време. Без сомнение, уметникот допрва треба да ги развива своите креативни потенцијали и ќе ја продлабочи автономијата на сопствената креативност“.
Инаку, гевгеличанецот Димитар Новаков е фотограф и визуелен уметник, кој од 2014 година фотографира пејзажни и улични фотографии со цел да покаже колку е навистина убав светот што нè опкружува.
За Димитар Новаков, фотографијата е повеќе од хоби. Неколку негови фотографии имаат освоено награди на конкурси. Досега има одржано три самостојни изложби во Гевгелија, а има учествувано и во повеќе групни изложби во земјата и во странство. (Љ.А.)