Атлетскиот клуб 7-ми Ноември“ кој постои веќе две години, по примерот на повеќето градови во Македонија и во светот, оваа година ќе ја организира првата улична трка во Гевгелија, насловена како „November run Gevgelija 2021″. Конечно, по учеството на голем број на домашни и меѓународни улични трки, од каде се враќале со многу медали и пехари, членовите на овој млад, но веќе етаблиран македонски атлетски клуб, ќе имаат можност да трчаат и во својот град, пред своите сограѓани.
Предвидено е трката да се одржи на 7-ми Ноември 2021 година, денот на ослободувањето на Гевгелија, кој е Општински празник, а воедно е и денот кога пред две години клубот ги започна своите атлетски активности.
Како што не информираше претседателот на клубот, Игор Коцевски, трката November run Gevgelija 2021 е организирана според правилата на IAAF, Атлетската федерација на Македонија и согласно Законските важечки прописи. Предвидени се две трки, на 5 и 10 километри, и една рекреативна детска трка на 1 километар, Патеката за трката November run Gevgelija 2021 е кружна, односно учесниците на трката на 5 километри трчаат еден круг, додека учесниците на 10 километри трчаат 2 круга. Стартот и целта на патеката е на улицата 7-ми Ноември во центарот на Гевгелија во близина на Народниот театар, со придржување до сите здравствени протоколи.
Пријавувањето за трката е веќе започнато, а учесниците може да се пријавуваат на
https://runnerspot.com/event/Gevgelija., а рокот за пријавување е 27.10.2021. Раниот рок за регистрација трае заклучно со 01.10.2021 година, а цената на стартниот пакет за 10 километри изнесува 700 денари, а на 5 километри 600 денари. Во стартниот пакет учесниците добиваат: стартен број со чип, Маичка, Станици за освежување на патеката и на целта, Pic&Go персонални фотографии, онлајн резултати, онлајн диплома, производи и ваучери од спонзори и медал за завршување на трката.
Победниците на двете трки во машка и женска категорија ќе добијат пехари и подароци од спонзорите, а победниците на трката од 10 километри ќе добијат и парични награди во износ:
12.000 за прво место, 9.000 за второ и 6.000 за трето место