ЕПИДЕМИОЛОГ ДР. САШКО ОЛУМЧЕВ:

ЕПИДЕМИОЛОГ ДР. САШКО ОЛУМЧЕВ:„КОНЕЧНО МАЛКУ ДА ЗДИВНЕМЕ, НО НЕ И ДА СЕ ОЛАБАВИМЕ. ВАКЦИНИРАЈТЕ СЕ И ВНИМАТЕЛНО НА ГОДИШНИОТ ОДМОР. ОЧЕКУВАМ КОЛЕКТИВЕН ИМУНИТЕТ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА.“

За тоа дали корона вирусот ќе биде сезонска болест, дали е подобро да се вакцинираме со вакцини од различни производители, дали вакцината штити од инфекција, зошто имавме голем број на починати и дали светот задоцни со одговорот на Ковид-19, разговаравме со доктор епидемиолог Сашко Олумчев.
Со докторот епидемиолог при Центарот за јавно здравје-Велес, Подрачна единица Гевгелија, секогаш е пријатно да се разговара. Стручен, елоквентен и смирен, од самиот почеток на пандемијата со коронавирусот, пред повеќе од една година се фати во костец со оваа непозната болест.
 
Како член на општинскиот Кризен штаб, со своите апели и стручни совети ги насочуваше граѓаните за тоа како да се однесуваат во сложената ситуација , им беше на услуга деноноќно на сите кои побараа негова помош и совет. Илјадници брисеви и тестови на граѓаните на општините Гевгелија, Богданци и Дојран поминаа низ неговите и рацете на неговите соработници, а, кога беше потребно, знаеше да помогне и на хоспитализираните лица во модуларната ковид-болница.
Овој разговор го правиме во релативно поволна епидемиолошка ситуација, кога е намален бројот на инфицирани лица од коронавирусот на дневна основа и кога е веќе започнат процесот на имунизација на населението.
 
Со насмевка доктор Олумчев ни одговара на прашањето дали вирусот е во „нокдаун“?
Далеку од тоа, вели тој, вирусот е во мирување благодарејки на почетокот на вакцинацијата, превземените здравствени и рестриктивни мерки кои дадоа резултат. Тој не може да исчезне преку ноќ, и ќе се појави повторно. Јас велам дека имавме среќа што поголемиот дел од населението во Македонија го прележа првиот тип на вирусот, а не мутираниот, британски сој, кој навистина направи поголема инфекција и за жал, поголем број на починати.
 
Она што е најважно сега е што побрзо да стекнеме колективен имунитет со масовната имунизација. Сега, тоа се прави со две дози на вакцина, но според мене, ќе биде потребно да се прим и и трета доза. Со колективниот имунитет нема да има бранови како сега, туку ќе имаме една сезонска линија на вирусот, која ќе биде блага, нешто како сезонскиот грип. Очекувам, колективниот имунитет да го постигнеме до крајот на годината, вели доктор Олумчев.
 
Го прашуваме докторот дали сите видови вакцини се сигурни?
За жал има луѓе, одговара Олумчев, кои одбиваат да се вакцинираат а има и такви кои одбиваат да се вакцинираат со одреден тип на вакцина.Сакам да ги уверам и едните и другите дека сите вакцини се квалитетни и сигурни, и на крајот, подобри се од тоа да не примиме никаква вакцина, затоа што сите тие создаваат солиден имунитет. Јас би одел, тврди Олумчев, на секвенционирана имунизација со две различни типови на вакцина, како што сега се прави во светот. Има студии кои велат дека со тоа се создава поголем ефект на создавање поголем број на антитела.
 
Сепак, како епшидемиолог мислам дека ефикасноста на секоја од вакцините ќе се види дури наредната година. Морам да кажам дека вакцината не штити од инфекција со вирусот туку таа го стимулира имунитетот во организмот за да тој се одбрани што полесно и побезболно од вирусот.Вакцината не штити нас, додава Олумчев, но ние може да го инфицираме другиот доколку сме заразени. Затоа, доктор Олумчев препорачува, и покрај примените вакцини, и натаму да се почитуваат мерките на здравствено превентивно однесување, дистанца, маска и миење раце.
Вакцината против ковидот ќе стане сезонска вакцинација, нешто како онаа против грипот.
Го праѓуваме докторот како да се однесуваме во летниот период?
 
 
Летото, според мене, одговара Олумчев, ќе биде затишје пред бура, затоа што е сезона на годишни одмори. Ќе има мешање на населението од различни страни на светот, што ќе биде поволна за пренесување на различни соеви на вирусот. Затоа граѓаните кои ќе заминат на годишен одмор ги советувам да бидат претпазливи во контактите. Очекувам наесен, вели Олумчев еден полесен бран, затоа што не може вирусот да се изгуби одеднаш.
Не интересираше зошто е толку голем бројот на починати од ковид-19 во нашата земја?
Тоа мислам дека е резултат на фактот што голем дел од нашето население, тврди Олумчев, боледува од хронични болести, како кардиоваскуларни, така и пулмонални заболувања и дијабет. А токму тие се и ќе бидат натаму најранливата популација која може да се инфицира и за жал да почине од овој вирус.
 
Кај нас, продолжува Олумчев, имаме проблем да ги издвоиме луѓето кои починале од ковид од оние кои починале со ковид. Таа анализа, верувам дека надлежните ќе ја направат во иднина, кога ќе стивне оваа пандемија. Но, вели Олумчев, мора сите заедно да поработиме на нашата здравствена култура, да престанеме да се лекуваме самите и да стекнеме навика да што почесто се консултираме со своите семејни лекари.
Како е задоволен од досегашната битка против ковид-19 во светот а и во нашата земја, беше нашето следно прашање?
Знаете, кажува Олумчев, ќе мора да се навикнеме да живееме со вирусот, затоа што на есен ќе имаме и грип и ковид заедно, но ќе бидеме побогати за едно искуство како да ги разграничиме овие две заболувања.
Мислам дека се доцнеше со глобалниот здравствен одговор на оваа пандемија, се доцнеше со рестриктивните мерки и тука се изгубија драгоцени месец или два. На почетокот немаше доволно и тестови, на светско ниво а и кај нас немаше ни соодветни препораки за протоколи за лекување. Затоа, според мене, ова нека биде едно искуство повеќе, за да во иднина, при вакви непознати болести, обавезно да се консултираат епидемиолозите, кои морам да забележам, овој пат беа занемарени.
 
Ние, овде, во Гевгелија, Богданци и Дојран, релативно добро се справивме со овој вирус. Да ве потсетам дека во првите шест месеци од 2020 година имавме на нашето подрачје само 10 заболени. Помина летото и дојде оној прв бран, и бројката се искачи на 600 до крајот на 2020. Тоа беше резултат на непочитувањето на мерките, а потоа стигна и британскиот сој, кој за жал беше поинфективен, и која ја зголеми оваа бројка на 2120 инфицирани, и за жал, 69 починати лица. Затоа, препорачува Олумчев, сега треба да бидеме и натаму внимателни да не ни дојдат различни соеви на вирусот, да ги почитуваме препораките, маска на отворено не, но во затворено да, и колку е можно помалку поблиски контакти со други лица.
 
На крајот, го запрашавме доктор Олумчев, зошто има толку малку епидемиолози во Македонија?
Има сега 30-на, дел од нив ќе заминат во пензија, одговара Олумчев. Отворено да кажам, најмалку се платени, и, не знам зошто, оваа гранка на медицината сеуште се смета за помалку „атрактивна“.
 
За разлика од нас, на западот, епидемиолозите се меѓу најплатените здравствени работници затоа што тие се задолжени за превенцијата при вакви заболувања но и за остварување на онаа синтагма здрава нација-здраво работноспособно население.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *