ЕДНА ГОДИНА ОД СМРТТА НА МИЛАН ЗАФКОВ, ВРВЕН ИНСТРУМЕНТАЛИСТ И КОМПОЗИТОР НА МАКЕДОНСКА НАРОДНА МУЗИКА:

На денешен ден, пред една година, во својата 61 година, ненадејно почина врвниот инструменталист и композитор, првенецот на „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков.
 
Љубовта кон музиката на Милан Завков почнува од детството. Тој почнал да свири хармоника од осумгодишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“ со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.
 
Во 1970-та година, со популарниот „Октет Македонија“ ја снима својата прва плоча, а во својата натчетиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група „Македонски мерак“ остварува врвни музички интерпретации и сигнификатен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи, соопшти „Танец“.
 
Од 2000-та година Милан Завков беше вработен во Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, како музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува бројни концерти и турнеи во земјата и насекаде низ светот.
 
Покрај тоа што важеше за човек со големо срце, зад него остави песни за незаборав. Зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како “Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, “Камен да беше срцето” и “Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, “Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, “Лична Јовано” и “Лазарополе” од Наум Петрески, “Пат за Стамболград” и “Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски.
 
Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *