ДЕНЕСКА Е ПРЕОБРАЖЕНИЕ ГОСПОДОВО

Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, уште спроти празникот децата ги миеле кошниците, зашто било обичај секој да оди во своето лозје и да набере грозје. Вечерта спроти празникот жените оделе во црквата каде што носеле варена пченица и литургија, а утрото на самиот празник пак оделе во црквата и носеле варена пченица и грозје „поп да гу пеје“. И овде се верувало дека пред празникот не треба да се јаде грозје и друг емиш, зашто е греота, а по празникот откако ќе се отпее од свештеникот може да се јаде.
 
Празникот Преображение по својата смисла и значење за човечкиот род е еден од централните христијански празници. Се базира на настанот на Христовото преобразување, т.е. покажување на неговата божественост пред најблиските ученици Петар, Јаков и Јован на Таворската Гора кратко време пред неговото страдање во Ерусалим. Важноста на овој настан за човечкиот род е одлично искажана во зборовите што апостол Петар ги кажува во некакво изумување, а кои сведочат за значењето на непосредниот однос на човекот со Бога. Тие зборови се: Господи, добро ни е овде.
 
Празникот Преображение Господово спаѓа во големите празници што ги празнува Светата Христова црква, но тој и со поголемиот број обичаи и верувања има значајно место во животот на нашиот народ, така што во целокупното празнување на овој празник следиме повеќе слоеви на народната култура.
На иконите, овој настан е претставен така што Исус стои на врвот на планината во бела облека, од десната страна е пророкот Мојсеј со таблицата со законите, а од левата страна пророкот Илија. Долу се апостолите паднати ничкум, а со рацете ги заштитуваат очите од силната светлина што зрачи од Исуса.
 
Според народното верување тогаш за прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.
Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се бањаат во реките.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *