Дваесеттина атлетичарки и атлетичари на АК „7 -ми Ноември“ од нашиот град беа меѓу учесниците на Втората „Трка на поезијата“ која претпладнево се одржа во Струга. Под слоганот „Трчаме рецитираме” околу 1.000 професионалци и рекреативци од земјава и регионот настапија на оваа атлетска манифестација , што втора година се одржува во Струга во организација на здружението „Спортски мостови”.
На годинашното издание на „Трка на поезијата” се трчаше на пет километри – трка од рекреативен карактер, 10 километри – со натпреварувачки карактер и детска трка со должина од еден километар. Гевгелиските атлетичарки и атлетичари настапија во двете конкуренции, жени и мажи, на 5 и 10 километри.
Целта на манифестацијата е да се подигне свеста на луѓето за важноста на физичката активност, како и промоција на спортот и трчањето.
Слоганот „Трчаме рецитираме”, според организаторите, ја кажува поврзаноста на спортот и она што е препознатливо за Струга, а тоа е поезијата.