На денешен ден, 16-ти јули се одбележува Светскиот ден на велосипедистите, па ТВ Нова 12, заедно со „Гевгелија Точак Клуб“, кој неодамна заживеа како клуб кој ги собира вљубениците во точакот од Општина Гевгелија, ви порачуваат да ги оставите автомобилите и да практикувате култура на возење велосипед. И тоа не само денес, туку секој ден! Придобивките се големи, а и Гевгелија е „рамна ко тепсија“.
Велосипедот не воодушевува од првото појавување во 1817 па досега едноставно затоа што возењето велосипед е најубавата работа на светот, тоа е нешто во што лудо се вљубуваш, нешто без што не можеш, нешто со што се чувствуваш најслободно на свет.
Четири причини зошто велосипедот е најубавото превозно средство:
Ја подобрува работата на срцето.
Помага при намалување на повреди.
Помага при намалување на тежината.
Се чувствувате подобро и со поголема самодоверба.
Одберете си секојдневна рута која ќе ја возите со велосипед. Докажано е дека со секојдневно и континуирано возење се лачат хормони кои ви создаваат чувство дека може да го освоите светот!
За возење велосипед не ви треба посебна дозвола, годините не се ограничување, најмалку полот или пак животниот стил или статус.
Дефинитивно, нема подобро превозно средство од велосипед, за на работа, за прошетка, за на кафе со пријателите, за на факултет… велосипедот е најдоброто нешто што може да му се случи на еден човек!
Не зависиш премногу од семафори и сообраќај, не загадуваш, а дополнително е добро за одржување фит форма, и секако здраво срце.