БРОЈОТ НА ПОЧИНАТИ ЛИЦА ЛАНИ ВО ГЕВГЕЛИЈА ИЗНЕСУВА 378, ЗА 69 ПОВЕЌЕ ОД 2020 ГОДИНА, И ЗА 102 ЛИЦА ПОВЕЌЕ ОД 2019 ГОДИНА.
Според Државниот завод за статистика, бројот на починати лица во Македонија, лани е зголемен за 10.7 % во однос на претходната година и изнесува 28 516. Поголем број се од машки пол, и тоа 15 155 или 53.1 %.
Што се однесува за Општина Гевгелија, лани починале 378 лица, од кои 209 машки, или за 69 лица повеќе отколку 2020 година, а 102 лица повеќе од 2019 година. Ова е разбирливо, ако се има предвид дека од ковид пандемијата бројот на починати во нашата општина од појавата на вирусот изнесува 121 лице.
Инаку, на ниво на Македонија, најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем – 35.9 %, а потоа се случаите кај кои како причина за смрт се јавува пандемијата на КОВИД-19 со 20.6 %, неоплазмите со 13.8 %, кај 5.8 % причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести, кај 4.2 % се болестите на респираторниот систем, а потоа следат други причини за смрт, но со помала застапеност.