Во периодот од 1 до 9 ноември, 2022 година, по повод 7 Ноември- Денот на ослободувањето на Гевгелија, следи богата програма со културни и свечени активности.
Одбележувањето на Општинскиот празник ќе започне со отворањето на Изложба на фотографии од Димитар Новаков „Гевгелиски моменти“, во Ликовната галерија „Амам“, со почеток во 20:00 часот.
На 2 ноември, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот, ќе биде одбележана 50-годишната творечка кариера на Васил Тоциновски, на Книжевна средба со македонскиот писател, книжевен историчар и критичар.
Во програмата за одбележување на 7 Ноември, ќе учествува и ООМУ „Васо Карајанов“ со Концерт на класична музика, на кој ќе се претстават учениците од Музичкиот оддел. Концертот ќе се одржи на 3 ноември, во Малата сала на Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот.
Истиот ден, активностите продолжуваат со Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија, која ќе биде отворена во 20:00 часот, во Клуб-галеријата на Народниот театар- Гевгелија.
За денските активности на 4 ноември, во 12:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија следи настанот Туристичка промоција на Гевгелија Spice up the journey. Вечерта, Советот на Општина Гевгелија ќе одржи Свечена седница, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот, а по нејзиното одржување следат гала-оперските концерти на Ансамблите при Национална опера и балет „Болеро“ и „Оперски концерт“, со почеток во 20:00.
На 5 ноември, низ улиците на Гевгелија ќе трчаат дечињата, пријавени за учество на Детската атлетска трка во рамки на November run Gevgelija, која ќе започне во 16:00 часот, на платото на Сава Михајлов. Исто така, со почеток во 17:00 и 18:00 часот, следат Концертите на денс-групите „Мистик“ и „Дива“ од Гевгелија.
Атлетската трка November run Gevgelija ќе продолжи на 6 ноември со трките на 5 и 10 км., во машка и женска конкуренција, со почеток во 09:00 часот, на платото на Сава Михајлов. Прогласување на победниците на трката е во 11:00 часот. Навечер, со почеток во 19:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија, ќе биде одржана манифестацијата „Фолклорен ѓердан“.
На самиот ден на Празникот, на 7 ноември, во 11:00 часот, ќе се положува цвеќе на спомен-обележјата во Гевгелија. Вечерта, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот, гевгеличани ќе можат да ја проследат театарската претстава „Секс и лаги“ од репертоарот на Театар „Куманово“, во режија на Драгана Таневска.
Богатата осумдневна програма, во организација и покровителство на Општина Гевгелија, културните институции и спортски организации, ќе заврши со Концерт на Гордана Јосифова Неделковска- англиски рог и Елена Атанасовска Ивановска- пијано, на 9 ноември, во хотел „Аполонија“, а ќе започне во 20:00 часот.